Сè уште се сеќавам на божиќните утра од моето детство. Јас и моите тројца браќа и сестри секогаш бевме будни во 4 часот наутро, но за да го избегнеме гневот на нашите родители, бевме скриени под јорганите додека не дојде поприфатливиот час – 7 часот наутро.
Потоа, ќе скокневме од креветот, ќе се спуштевме по скалите на нашиот голем семеен дом и ќе гледавме кон блескавата елка опкружена со десетици разнобојни подароци.
Се вртевме околу кутиите, погодувајќи за кого се поголемите подароци и нетрпеливо пребарувавме по нашите украсни чорапи, додека мама и тато подготвуваа кафе. Штом тие беа соодветно расонети и можеа да се изборат со нашата возбуда – ние наизменично отворавме подароци, чудејќи се какви нови играчки, книги и облека пристигнале во текот на ноќта.
Потоа татко ми се фокусираше на составување на различните парчиња од играчките „потребни за склопување“, а мајка ми подготвуваше појадок – меки палачинки со сланина или вафли прелиени со шлаг и јагоди.
Додека растев, секогаш се замислував како возрасна личност која им го овозможува истото искуство на моите деца – не само во однос на големата куќа украсена со венец и снегот кој надвор ги покрива улиците, не само големото дрво што сите заедно сме го сечеле и украсувале, не само подароците и палачинките – но и поради таа магија на семејството. Ден посветен на забавување и потсетување колку сме среќни што се имаме едни со други.
Откако пораснав и поминав низ развод, мојата дефиниција за многу работи мораше да се промени. Моите ќерки близначки и јас немаме семеен дом, туку имаме двособен подрумски апартман каде што една од девојките спие во стилот на Хари Потер, во опремен плакар за складирање, под скалите. Нашиот простор е мал, а нашата елка е вештачка, додека просторот и буџетот ми се толку ограничени што правењето на тој брилијантен божиќен појадок е вистински предизвик. И најважно од сè, таткото на моите девојчиња нема да биде со нас. Тој е прекрасен човек, но божиќното утро го поминува со своето семејство, за да не ги збуниме децата, што значи дека ќе го пропуштат начинот на кој празниците ја зголемуваат љубовта, како што беше случајот со мене и моите родители. Наместо тоа, јас ќе бидам со децата наутро, тој ќе биде со нив навечер и на некој начин се чувствувам како сите да губиме нешто.
Некои декемвриски денови ми го кршат срцето. Семејствата во овој период од годината се насекаде и нивната возбуда е неизбежна – мајката и таткото од двете страни на нивното дете, чекаат во ред за да се фотографираат со Дедо Мраз или со топло чоколадо. Понекогаш имам чувство дека јас и моите девојчиња сме надвор од целиот тој празничен хаос и го набљудуваме низ замрзнат прозорец.
Божиќ е време кога нашите срца и домови се осветлени за да го прославиме среќниот сјај на сезоната и како самохрана мајка, честопати не знам каде во сето тоа се вклопува темнината на мојата тага.
Се трудам максимално да ја создадам истата магија што ја добиваат и другите деца – со половина луѓе и половина буџет – сама носејќи го товарот на двајца родители на моите рамена. Како што се приближуваат деновите, Божиќ за мене е како потсетник на моите чувства на неуспех, поради тоа што не можам да го обезбедам она што другите деца го добиваат – недопрено, нескршено семејство.
Но, неодамна ми падна на ум дека можеби мојата сопствена тага произлегува од фактот што јас очекувам празниците да изгледаат како што некогаш мислев дека треба да изгледаат, наместо да ја прифатам убавината на она што се во моментот.
Можеби нашиот дом е мал, а јас не сум богата, но нашите животи се полни со љубов, среќа и здравје. Моите деца, и покрај траумата од разводот, напредуваат, а јас исто така – наспроти сите шанси, излегов од темнината и сум посилна и прилично благодарна. На крајот на краиштата, имаме покрив над главата, храна во фрижидерот и подароци под елката.
Благословени сме со убавината која доаѓа од малите нешта.

Наместо да се чувствуваме тажни што немаме куќа да ја украсиме со светилки, ние одиме на магични вечерни прошетки и се восхитуваме на сите други украсени домови. Нема да трошиме време оваа година грижејќи се за тоа дали ќе останеме во чекор со долгите списоци за подароци. И наместо да се обидуваме да исполниме одредени семејни традиции, ние треба да си направиме свои. Како на пример кога минатата недела испековме огромна количина колачиња и ги јадевме топли од рерна.
И на крајот, најголемата награда оваа година за мене е што сум експоненцијално поблагодарна за овие празнични моменти поминати со моите ќерки. Овој Божиќ ни беше даден подарокот кој подразбира поинаква перспектива. Ја наоѓаме љубовта во ограниченоста и радоста во нашето животно патување, а тоа може да го направи овој Божиќ најдобар досега.
Иако можеби сум разведена самохрана мајка на овој празник, заедно со моите девојчиња танцуваме весело на нов, но старомоден начин – и ако бидам искрена, тоа би го правела секој ден, наместо да имам совршена празнична фотографија и многу подароци.
Автор: Сидни Хат