Воспитување

Да можат, вашите деца сигурно би ви ги кажале овие 13 работи

Постојат многу работи што децата не можат да ни ги кажат со зборови. Па, наместо тоа, тие викаат, се лутат, можеби прават сцена и стануваат хистерични. Она што родителите понекогаш го толкуваат како неблагодарност, разгалување, грубост, често е само неизговорен збор заглавен во грлото, а детето не е во можност да го препознае и да го каже.

Ова се некои од работите што, доколку беа емоционално зрели и вербално способни, децата сигурно би ни ги кажале:

Не викај ми -Тогаш се плашам од тебе и мислам дека ако ми викаш, сигурно има нешто погрешно со мене.

Слушај ме – Кога ти кажувам што е важно за мене, погледни ме в очи. Тогаш чувствувам дека јас и моите прашања сме важни за тебе.

Дозволи ми да растам и да учам со свое темпо – Не терај ме да правам работи за кои сè уште имам време. Запомни дека сум дете и дека најдобро го откривам светот преку игра.

Обожавам кога поминуваш време со мене – Кога си во добро расположение, си играш со мене, се смееме и создаваме прекрасни спомени на кои како возрасен секогаш ќе се навраќам кога ќе ми треба утеха.

Не споредувај ме со моите браќа и сестри или врсници – Потоа се чувствувам лошо и почнувам да верувам дека сум доволно добар само ако сум како некој друг. И почнувам да зависам од твоите пофалби.

Прегрни ме кога сум тажен – Дозволи ми да плачам. Не кажувај ми дека момчињата не плачат, дека сум плачко и дека треба да бидам во добро расположение. Моите чувства се вистински, не помалку од твоите.

Научи ме да се грижам за моите потреби грижејќи се за твоите – Одмори се, следи ги своите интереси, запознај пријатели. Покажи ми дека да се биде родител и да поминуваш време со дете може да биде извор на радост. Навистина не сакам да те гледам како страдаш и се жртвуваш за мене, колку си фрустриран затоа што немаш време за ништо. Тогаш се плашам дека е поради мене.

Остани со мене кога се плашам – Не потсмевај се на моите стравови. Кажи ми дека некогаш се плашеше од темнината и дозволи ми да чувам ламба покрај креветот.

Сакај ме таков каков што сум – Не затоа што трчам брзо, рецитирам песни и „сум пристоен“. Сакај ме дури и кога правам грешки и барам твоја поддршка. Треба да бидам сигурен дека ме сакаш дури и кога работите тргнуваат наопаку.

Покажувајте си љубов еден на друг – Од вас учам да решавам конфликти, да се справувам со тешки ситуации и да разбирам што е вистинска љубов.

Запомни дека најверојатно ќе ги усвојам твоите верувања за себе, за другите луѓе, за животот – Одвој време да размислиш дали твоите верувања се вистински и дали ќе ми направат добро. Ако мислиш дека луѓето се претежно лоши и ги искористуваат другите, животот ќе ми биде потежок и ќе бидам недоверлив. Ако мислиш дека сум несмасен или груб, тоа ќе го мислам за себе. И тогаш ќе ми биде тешко да се подобрам.

Знам дека ме сакате и правите сѐ што можете за мене – Покажете ми дека лошите денови и малите неуспеси се дел од животот. Извлечете заклучоци, грижете се за својата благосостојба и простете си себеси. Благодарение на тоа, ќе научам и јас да си простувам себеси кога ќе направам нешто погрешно и ќе се соземам кога ќе дојде лош ден.

Насмевни ми се – Твојата искрена насмевка ме смирува. Тогаш се чувствувам безбедно и сакано.

Со љубов, твоето дете.

Извор

Поврзани написи

To top