Воспитување

Не премислувајте се дури и кога ќе слушнете: „Ти си лош, те мразам“

Без разлика дали ќе му кажете на вашето дете дека не може да излегува надвор и да игра бидејќи е премногу студено или ќе му одговорите одречно кога ќе праша дали може да оди кај другарче пред да ја заврши домашната задача – одвреме-навреме добро е детето да го слушне и зборот „не“. Тоа поставува јасна граница и кога се користи соодветно, покажува дека се грижите. Постојат многу начини да им кажете на децата „не“, но не се сите ефективни. Ако му кажете „не“ на вашето дете, важно е да покажете дека го мислите тоа.

Дајте дефинитивен одговор

„Ќе видиме“ и „веројатно не“ се одговори кои може да ги фрустрираат децата. И тие често ќе ве убедуваат вашето „не“ да се претвори во „да“. Кога мислите „не“, направете го вашиот одговор дефинитивен. Кажете: „Не, не може тоа да го правиш денеска“ или „Не, нема да одиме таму“. Бидете цврсти и авторитетни. Се разбира, може да има периоди кога одговорот ќе биде „можеби“. Во тие случаи вашата неизвесност направете да биде јасна со тоа што ќе објасните од каде потекнува. Кажете: „Не сум сигурен дека ќе можеме да одиме на плажа. Ќе мора да почекаме и да видиме какво ќе биде времето по ручекот“.

Понудете кратко објаснување

Кратко објаснување за тоа зошто велите „не“ може да го претвори вашето одбивање во искуство за учење. Ако кажете: „Не, не може да скокаш во базенот без заштита“ без објаснување е бесполезно. Вашето дете може да помисли: „Можам да го направам тоа зошто мајка ми е лоша“, без да ја препознае потенцијалната опасност. Обидете се да кажете нешто како: „Не, не можеш да скокаш во базенот без заштита бидејќи не си доволно добар пливач за да испливаш до другиот крај на базенот“. Кога вашето дете ќе ја разбере причината што стои зад вашиот одговор, помалку ќе сака да ризикува.

Разјаснете зошто нема да попуштите

Без разлика колку ве моли, плаче и ве преколнува детето, не предавајте се. Ако го промените вашето „не“ во „да“, тоа само ќе го зајакне мислењето на детето дека не го мислите она што го кажувате. Дури и кога слушате работи како: „Но, сите други го прават тоа!“ или „Толку си лош/а! Те мразам!“, не премислувајте се. Кажете му: „Те сакам и тоа е моето правило“ и не продолжувајте со дискусија. Избегнувајте расправии во врска со вашиот одговор.

Соочување со последиците кога е потребно

Ако однесувањето на вашето дете стане проблематично, спроведете ги последиците. Викање, врескање и слично може да значи дека е потребен „тајмаут“. Дајте едно предупредување кога е потребно. Кажете: „Ако не престанеш да ме молиш, ќе мора да направиш тајмаут“. Логичните последици се исто така ефективен начин за да се засили она ваше „не“.

Соочете се со вашите емоции на здрав начин

Додека некои родители можеби не сакаат да речат „не“ бидејќи не сакаат да бидат лоши, други може да чувствуваат вина што нивното дете е вознемирено. Важно е да забележите како се чувствувате кога велите „не“ за да можете да се справите со вашите емоции на здрав и продуктивен начин. Потсетете се дека е во ред и вашето дете да почувствува непријатни емоции, како тага и разочарување. Со тоа што му велите „не“ му давате можност да учи како да се справува со чувствата на соодветен начин.

Бидете сигурни и дека често велите „да“

Кажувањето „не“ на сите барања од децата може да биде штетно. На децата им се потребни можности да истражуваат различни места и да пробуваат нови работи. Па, важно е да му дадете дозвола на вашето дете да прави работи што се добри за неговиот развој. Кога ќе сфатите дека често велите „не“, запрашајте се зошто. Дали сте премногу изморени, дали сте загрижени дека ќе направи неред? Иако е во ред да велите „не“ едноставно зашто не сакате да правите нешто, немојте да станете премногу рестриктивни само од навика.

Автор: Ејми Морин

Поврзани написи

To top