Мајка сум полни девет години, а исто толку, ми се чини, и сум грешела. Постојано се прашував како да се носам со своите стравови, со заблудите, со идеите каков родител треба да бидам и какви деца треба да бидат моите ќерки. Работејќи како лектор на неколку книги за родителство, воспитување и однос помеѓу родителите и децата, почнав структурирано да размислувам за она што ме тераше да се сомневам во себе, во своите постапки, намери, воспитувачкиот модел, а со самото тоа и во она какви ќе станат моите деца. Сепак, најмногу научив од нив две, набљудувајќи ги, воодушевувајќи се на нивната различност, откривајќи ги нивните потреби и сите нијанси на нивните личности.

Мајко, ти воопшто не знаеш колку е тешко да се биде мајка!

Ми се чини дека не поминува ден, а на својот пат на родителството да не се сетам на шегите на баба ми која се смееше набљудувајќи ги најинтересните ситуации помеѓу мене и моите родители, како и помеѓу мене и брат ми додека растевме. Кога во најмала рака ќе станеше возбудливо тоа превирање на волја, мисли и аргументи од сите страни, таа само, седејќи некаде на крај, ќе речеше, повеќе како за себе: Мајко, ти воопшто не знаеш колку е тешко да бидеш мајка! И изгледа дека тоа е добра поента бидејќи секој родител мисли дека неговата родителска „мака“ е најголема. Како што мисли и дека од него нема посреќен човек на светот додека ги набљудува своите деца. А вистината е, всушност, некаде помеѓу општото и посебното, индивидуалното и колективното. Секој човек е приказна за себе, како што и секој човек го мачат помалку или повеќе истите прашања и му дава сила истата среќа. Единствено што во тој колаж на личното и колективното важни се односите што ги градиме и ставовите што одбираме да ги негуваме. Дали ќе бидеме арогантни и ќе се жалиме, дали ќе бидеме гладни за моќ и ќе бидеме жртви, дали ќе сакаме или љубовта само ќе ја бараме, ќе почитуваме или ќе мора исклучиво да нè почитуваат нас? И најважно, дали своите деца ќе ги обликуваме според своите уверувања или ќе ги пуштиме сами да се формираат и да дојдат до она што се и што треба да бидат?

Почитувајте ја нивната личност – така ќе научат да се почитуваат и себеси и другите

Кога пред неколку години постарата ќерка (тогаш имаше шест) ми рече (не се ни сеќавам на поводот): „Јас не сум ти! Јас сум јас!“, застанав воодушевена (и малку засрамена) пред големината на човековата личност и убавината на индивидуалноста. Сега, кога секое утро помалата ќерка и јас водиме мала војна што ќе облече за во градинка и кога ги одбива моите предлози, па невербално и вербално јасно ми порачува: „Не ми е добро во таа маица! Не сакам да го облечам тоа што ти го сакаш! Сакам јас да сакам!“, сфаќам дека на секое, ама баш секое суштество на овој свет му е потребна слобода. Прифаќање и почитување на различноста. Индивидуалност. Следење на сопствените интересирања, страсти и афинитети. И позиционирањето на своето ЈАС, независно од родителите, пријателите, партнерот, околината. И за родителите многу важно – од сопствените деца.

Секое дете има потреба за одобрување, за некој вид потврда од своите родители. Да биде сфатено, слушнато, видено, прифатено такво какво што е. Да биде поддржано. Да биде зајакнато. И тука, за жал, во тие ходници на лавиринтите на растење (а подоцна и како возрасни) се кријат безброј скришни места погодни за манипулација, поигрување и предизвикување срам и вина.

Колку и да се бори човек да биде самостоен и свој, во него секогаш постои желба да биде прифатен, виден, одобрен. Зарем така не е и со нас, возрасните? Не сакаме ли, барем тајно, барем повремено, да им се допаднеме да другите – ние самите, или она што го правиме? Не сме ли секојдневно изложени на внатрешната потреба луѓето да ни потврдат, дека сме рекле, направиле или мислеле правилно, а со самото тоа и да го потврдат нашето суштество? Нели е така во сите наши односи – со пријателите, родителите, партнерите, колегите и надредените на работа, во сите сегменти од реалниот свет, како и во оној виртуелниот, на социјалните мрежи?

А на детето таа потреба му е начин да се запознае и светот. Преку нашата почит на неговата личност, да научи и да се почитува самото, да верува во себе, да спознае колку е вредно такво какво што е. Преку прифаќањето на родителите такво какво што е, детето во животот ќе спознае дека различноста е добра, дека секој има свој пат, дека секој е за себе и дека е добро да се биде сам. Сам со себе и со она што си. Дека човекот не мора да му угодува никому за да биде сакан, прифатен и ценет. Дека човечка обврска е да биде свој. Никогаш туѓ. Дека детето не му припаѓа на родителот, но дека родителот мора да биде покрај своето дете, какво и да е. Генијално, чудно, со посебни потреби, уметнички настроено, заборавно, диво, премногу попустливо, љубопитно, непослушно, сјајно, тврдоглаво.

Детето не треба да го чека нашето одобрување за да биде тоа што е. Не треба да чека да се согласиме со изборот на музика, пријатели, првите симпатии и животни љубови, хобија, занимања. Нам тоа може да не ни се допаѓа, но доколку изборите на детето се конструктивни и не го загрозуваат ниту него ниту другите, кој сме ние да одредиме дали нашите деца ќе бидат лекари или вајари, дактилографи или градежници, дали ќе ја тресат куќата слушајќи ги „Рамштајн“ или ќе плачат со балади, ќе сакаат да гледаат трилери или комедии, дали ќе се заљубуваат во странци или во првите соседи, дали ќе бидат атеисти или верници?

Зошто тогаш го правиме тоа? Ги вреднуваме своите деца и сметаме дека мораат да бидат според нашиот крој, наша мерка? Ним им е важно да ни се допаднат, што од една страна е природно бидејќи таа потреба постои во човекот. Но, не треба да го заслужат нашето допаѓање, почит, прифаќање, дури ни доверба. На тоа имаат право со самото постоење од часот на раѓање.

А повторно, ни се чини дека, всушност, не е важно дали им се допаѓаме на своите деца. Тоа како да се подразбира. Се подразбира дека нè сакаат. Тоа некако им доаѓа како обврска. Од нас излегле – нас да нè сакаат и почитуваат, да ни се воодушевуваат, да нè слушаат (слепо, тоа е најмногу посакувано), да не пркосат, да не се противат, да ги живеат нашите непреживеани соништа. Се чини дека тоа сепак не е случај – дека понекогаш и ни замеруваат и се оддалечуваат од нас, а чувството на повредена суета добива непоимливи размери. Тогаш со уцени се обидуваме манипулативно да ја вратиме љубовта и почитта што ни припаѓа како родители, или едноставно се користиме со методата страв, со која владееме.

Што тогаш ќе научат нашите деца? Дека човекот не е вреден поради она што е, туку исклучиво поради резултатите што ги дава? Дека нашите деца се добри онолку колку што се послушни, услужни, добро воспитани при појава, онолку колку што оценките им се беспрекорни, а резултатите завидни? Дали ќе се почитуваат себеси ако не сме ги научиле дека се вредни за почит? Дали ќе ги почитуваат другите, ако и самите веруваат дека почитувањето е категорија што се формира врз основа на ефикасноста, а не на суштината? И на крајот, ако не чувствуваат дека и самите се почитувани? Бидејќи, како да им дадат нешто на другите што никогаш не го имале самите?

Научете ги да му пркосат на стравот

Стравот е најирационално човеково чувство. Најсубјективно. Она што инхибира, го засенува духот, го спречува умот, го ослабува срцето и прави да не се сакаме себеси, да не се почитуваме, да немаме верба во себе, луѓето и во светот.

 

Вашите деца нека се качат на дрво и кога им се чини дека ќе паднат во несвест поради висината. Вашата ќерка нека тренира ватерполо или фудбал и кога пријателките сметаат дека е чудна поради тоа. Вашиот син нека игра балет, иако некои пријатели му се смеат и го етикетираат. Нека се заљубат и страдаат и нека немаат поим кој ден е, месец и година, нека добиваат лоши оценки и нека ви плачат со денови, а ниту еднаш да не помислат дека ќе ги исмејувате и дека ќе им зборувате оти сè ќе помине и еден ден ќе биде смешно (бидејќи во тој момент не им е до смеа). Нека се забавуваат лудо и на испит нека одат неподготвени (често мамурни), а да не се плашат што ќе ги чека дома. Нека го променат факултетот, нека ја раскинат свршувачката, нека дадат отказ, без план за утре, ако почувствуваат дека таму каде што се и она што го прават никако не им од. Нека ви се спротивстават – и тоа е можеби најважно – кога им се чини дека сте претерале, дека не сте ја почитувале нивната личност или сте ги омаловажиле!

Научете ги да се борат за себе, за својата суштина, без осврнување на тоа што другите  мислат за нив или зборуваат. Бидејќи сè додека вашето дете на својот пат не им штети на другите, не е егоцентрично и водено од суета, ако сочувствува и има добри намери, неговото право, а уште повеќе обврска, е да не си штети само на себе обидувајќи се да биде по мерка, слика и замисла на некој друг. Макар тоа биле вие.

Кажете си едни на други „не“ – тоа е добар пат да се стане свој

Доколку досега помислувате дека заговарам некаков вид анархија и дека на секого му е дадена волја, затоа што така и е, ќе морам да ве разочарам. Ние, возрасните, се обидуваме во нашата семејна динамика да постои извесна структура и таа секојдневно да биде одржлива. Децата – изненадување или не – повеќе сакаат јасно водство, конкретни правила и едноставен договор до кој сите се придржуваат или сите заедно се обидуваат да биде успешно спроведен докрај. Децата уживаат во тоа што се деца и така треба да биде. Како што растат, животот ги учи дека танцот на неговиот подиум често е поголем предизвик од она што го откриваат првите тактови. И затоа сме им потребни ние – да ги водиме за да се осмелуваат, да знаат дека сме тука, блиску, но доволно далеку за искуството да биде нивно, да ги охрабриме на подвизи и никогаш да не помислуваме дека тука има наша заслуга.

Но, освен нежноста и безрезервната љубов која на своите деца треба да им ја дадеме, мораме да бидеме јасни со границите кои не е добро да се преминат. За доброто на самите деца. За оние околу нив. За семејството. За животот. Мораме да им кажеме „не“. На сето она што ги загрозува или може да ги загрози – нив или другите. На она што ги прави раздразливи, агресивни. На она што се заканува да прерасне во хроничен проблем, што и да е во прашање, или она што укажува на воспоставување проблематични односи со околината, во која било форма. И не постојат доволно добри изговори на родителите, тоа „не“ во таквите ситуации да не биде јасно, гласно и доследно!

Суштината не е во тоа децата да бидат послушни или на нашата негација да се стројат и да одговараат на наредбата. Целта е нашето поставување на границите да биде водич, за децата сами да знаат, кога за тоа ќе дојде време, да си кажат „не“ на себе, на сето она што за нив не би било добро. А тоа е, конечно – и најголемиот предизвик на воспитувањето и неговата најважна цел.

Од друга страна, пуштете ги децата вам да ви кажат „не“. Дури и кога не се во право. Дури и кога тоа не е примерно. Така ќе научат многу. За себе, за вас, од односите. Ќе научат, преку таа побуна насочена кон вас, како да се борат за себе, но и кога е вистинско време за борба, кога треба да се почека, а кога да се нападне веднаш. Ќе ги научат своите граници и ќе ги почитуваат туѓите. Значи дека „не“ не е напад на личноста, дека е сосема во ред и природно да се слушне, како што е сосема во ред да се каже, без драма, грижа на совест и двоумење.

Бидејќи еднаш кога децата ќе сфатат дека суштината на животот е во изразување, почитување и негување на својата (а не туѓата) личност, нема да ги мачи суетата, ниту ќе имаат проблеми со прифаќањето критики, негативни одговори и порази. Ќе знаат дека тоа е само мал дел од величествената игра на животот и дека е добро да се биде свој, без разлика на тоа кој седи спроти нив.

Автор: Тамара Ѓуран



912

X