Дора Попова-Узуновски, психолог и психотерапевт

Дора Попова-Узуновски, психолог и психотерапевт

магистер по клиничка и советодавна психологија
Центар за применета психологија „Дора"
е-пошта: popova_dora@yahoo.com
тел: 075310781

Повеќе од авторот

Доколку родителите ги учат децата на благодарност, всушност, ги учат на љубов

Многумина од луѓето ја изразуваат благодарноста само тривијално, кажувајќи ѝ „благодарам“ на некоја личност доколку им помогнала или нешто им дала. Од научна перспектива, благодарноста е позитивна емоција која типично се евоцира кога некој прима драгоцен, неочекуван или намерен бенефит, и пред сѐ е научена за да игра клучна улога во воведувањето и одржувањето на социјалните врски.

Меѓутоа, благодарноста е многу повеќе од тоа. Благодарноста е една од основните составки на љубовта. Кога некој нешто ни дава, чинот на давање од негова страна е израз на љубов, а кога ние го примаме тоа, чинот на примање, пак, од наша страна е израз на тоа дека ја прифаќаме дадената љубов. Со самото тоа што ја прифаќаме љубовта, значи дека си ја даваме и дозволуваме на самите себе. Токму поради ова начело е важно да се учат децата на благодарност.

Доколку родителите ги учат децата на благодарност, всушност, ги учат на љубов. Но за детето да може да го научи вистинското значење на благодарноста, пред него мора да стои личен пример. А личниот пример, се разбира, е родителот.

Учат да размислуваат и да чувствуваат гледајќи ги возрасните

Детето нема да може да се научи на благодарност ако самиот родител е неблагодарен и постојано изразува незадоволство. Во денешно време луѓето се повеќе навикнати да го изразуваат жалењето од своето незадоволство и немањето отколку благодарноста, прво поради тоа што малку го ценат тоа што веќе го имаат и постојано копнеат по тоа што го немаат. На тој начин децата, гледајќи ги возрасните, се учат да размислуваат и да чувствуваат исто. Така што, и тие почнуваат да копнеат по нештото што го немаат, за по некое време, во крајна линија, тоа да стане црта на алчност.
Кога ќе пораснат во возрасни луѓе, таа црта постојано ќе ги следи и тие ќе живеат во незадоволство. Од друга страна, кога ја изразуваме благодарноста, чувството е блажено, меко и топло. Благодарноста е како магија. Кога човек е среќен со тоа што веќе го има, некако уште повеќе му доаѓа. Тоа е циркулација на љубовта.

Вежби за благодарност

Ви предлагам некои едноставни вежби за благодарноста што можете да ги примените прво вие како возрасни и родители, а потоа да ги примените и на вашите деца:

1. Сместете се во удобна позиција и обидете се да ја визуализирате благодарноста. Замислете ја дека седи пред вас на еден стол и видете ја како изгледа. Дајте ѝ облик, боја и лик. На фантазматско ниво искомуницирајте нешто со неа и потоа влезете во нејзина улога и почувствувајте како вие да сте таа – благодарноста. Видете како е да се биде чиста благодарност и што тоа би значело за вас. За оваа вежба ви се потребни 5 до 10 минути. Истата може да биде комплицирана за детето особено ако е на помала возраст, па подобро е да му предложите да ја нацрта благодарноста во облик, боја и лик, на начин како што тоа си ја замислува.

2. Склопете ги дланките како да кажувате молитва и речете си за што сте благодарни денес. Колку и да бил негативен вашиот ден, сигурно имало барем една ситница што била позитивна. Истата вежба применете ја на вашето дете, пред да замине на спиење. Речете му: Ајде да видиме за што можеш да бидеш благодарен денес?

3. Запишете ги вашите благодарности на лист хартија, а потоа дајте му и на детето да ги запише своите. Најдобро би било кога би ги запишувале заедно истовремено. Вие вашите, а тоа своите.

За крај, моја лична препорака е сликовницата „Благодарам“ од нашата прекрасна Ана Салтирова Давидовски-серифициран NLP тренер. Таму имате прекрасни илустрации и идеи за што сè можете да бидете благодарни.
Уживајте!

Доколку родителите ги учат децата на благодарност, всушност, ги учат на љубов. Но за детето да може да го научи вистинското значење на благодарноста, пред него мора да стои личен пример



912

X