Професорот Бранимир Несторовиќ, педијатар во Универзитетската болница Тиршова во Белград, алерголог и пулмолог, изјавил за ТВ „Н1“ дека родителите не треба да се плашат кога одат на годишен одмор со децата. Важно е, како што вели, да се обезбеди доволна количина на вода и храна за пат и најосновните лекови. Несторовиќ вели дека денес е „модерно сите да се грижат и плашат“ и дека родителите за краток лет до Грција или Црна Гора се подготвуваат како за експедиција на Северниот Пол.
– Децата се многу отпорни, ние се раѓаме со отпорност на најголем број болести. Зошто бебињата не би оделе на пат, не сум за претерана заштита на децата, треба да се понесе вода и храна, и тоа во доволна количина. Децата се чувствителни на дехидратација и им треба лесна храна, некоја чоколада или кекс кој релативно брзо го намалува гладот – објаснува тој.
Апелира до родителите да ги врзуваат децата во автомобилите бидејќи децата до четвртата година имаат непропорционално голема глава во однос на телото и при нагло кочење лесно можат да излетаат низ шофершајбната. „Немојте да ги пуштате децата да се движат низ автомобилот“, советува Несторовиќ и додава дека иако е противник на давањето телефони и таблети на децата, во текот на патувањето може така да се смират децата, бидејќи за неколку часа гледање во екран ништо страшно нема да се случи.
Додава дека при рака треба да се има и облека за пресоблекување, бидејќи децата често се потат, а за клима-уредот во автомобилите вели дека колку што е добар, толку е и лош, не само заради студениот воздух, туку и затоа што често е контаминиран со габи. Затоа клима-уредот треба да се користи умерено, со разлика од седум до најмногу десет степени во однос на надворешната температура.
Зборувајќи за лековите што треба да се понесат на пат, Несторовиќ вели дека Србите знаат да понесат сѐ што постои, но не треба да се претерува – со себе задолжително треба да имате пробиотик и препарат со цинк кој е најефикасен против дијареја. Вели дека треба да се понесе и сируп за температура.
Не советува да се носат антибиотици бидејќи тие често се злоупотребуваат. Советува и носење растителен сируп за кашлање и фластери. За изгорениците од медузите најдобар лек е, како што вели, да се втрие краставица на местата, додека за убод од еж задолжително е јавување на лекар, бидејќи раната ќе почне да се инфицира.
Кога се работи за кремовите за сончање, Несторовиќ вели дека е тешко да поверува дека една материја може да биде заштита за сите ултравиолетови зраци, па дека се најефикасни некои прости работи, како сируп од бозел или црвено овошје. Советува и задолжително да се понесат очила за сонце. За заштита од комарци најдобро е на децата да им се дава витамин Б1 бидејќи на инсектите овој витамин „страшно им смрди“.
Несторовиќ објаснил дека морското крајбрежје не е проблем за децата со алергии бидејќи нема растенија кои предизвикуваат алергија, ниту крлежи, зашто е суво и топло. Доколку, пак, се оди на планина, треба да се има предвид дека на такви височини тревите цветаат еден месец подоцна.