Матични лекари реагираат дека родители доаѓаат и бараат од нив да напишат лажна потврда дека децата им се ослободени од вакцинирање, која им била потребна за остварување на правото за родителски додаток за трето дете. Ова особено било интензивно во текот на минатиот месец и родителите инсистирале матичниот лекар да ја напише оваа потврда, велејќи дека ако не ја добијат, ќе си ги земат картоните и ќе заминат од кај нив.

-Неодговорни родители кои, дали од антиваксерското движење или од страв од пандемијата, ја одложувале вакцинацијата на децата, доаѓаат и бараат да им напишам лажна потврда дека по моја препорака не ги вакцинирале децата за да можат да аплицираат за додатокот за трето дете. Само минатиот месец имав меѓу 10 и 15 вакви случаи – вели д-р Лилјана Којиќ, педијатар и матичен лекар.

Таа додава дека на сите тие барања одговорила дека не може да даде таква потврда бидејќи не постои медицинска причина за одложување на вакцинацијата на децата и дека спротивно на одлуката на родителите, таа препорачала да се вакцинираат.

– Ќе направат нова епидемија на морбили, која сега поради пандемијата на Ковид-19 воопшто не ни е потребна. Кај мене овие деца што не се вакцинирани најчесто се предвреме родени и родителите исплашени дека се мали, не ги вакцинирале. Часови и часови изгубив објаснувајќи дека напротив, предвреме родени деца треба да се вакцинираат за да им се зајакне имунитетот. Спротивно на моите препораки, не ги вакцинирале и сега бараат од мене да направам нешто што не е законски, односно да им издадам потврда за поштеда од вакцинација. Потврда за вакцинација се издава од вакцинален пункт, а потврда за поштеда од вакцинација од Клиника за детски болести, и не треба да ја бараат од матичните лекари. Но, тие воопшто не ни биле таму, туку ја бараат од матичните лекари – вели д-р Којиќ.

Таа вели дека се расправала со родители кои ја барале оваа потврда од неа и дека откако не ја добиле, си ги зеле картоните и заминале кај друг лекар.

Им кажав дека слободно може да си ги земат картоните бидејќи не подлегнувам на притисоци. Веројатно мои колеги, од страв да не ги изгубат пациентите, ги научиле дека матичен лекар може да дава такви потврди – вели д-р Којиќ и додава дека за лани сѐ уште нема податоци колку деца се вакцинирани, но дека според она што се случува во ординацијата, намален е бројот на вакцинирани деца.

– Најчесто ја избегнуваат МРП-вакцината, а сè помалку се вакцинираат и за рота-вирусот и против стрептокока. Преклани бројките беа одлични и затоа што за време на епидемијата со морбили, под силна кампања и заложби на Министерството за здравство, беа вакцинирани сите невакцинирани деца. Сега со ова однесување пак ќе ни ја вратат епидемијата со морбили, а тоа сега во пандемија со Ковид-19 ќе биде страшно – вели д-р Којиќ, која најави дека ќе се консултира со Санитарен и здравствен инспекторат и со Здружението на приватни лекари на Македонија дали и како може да се пријават и запрат ваквите случаи.



912

X