Пубертетлиите не се психички зрели и не можат сами да се заштитат од предизвиците што им ги носи животот, вели д-р Ѓорѓе Хаџи-Ангелковски, психијатар
Тинејџерството, односно адолесценцијата е мошне вулнерабилен и сензитивен период од животот. Пред сè, тука се чувствуваат последиците, доколку ги има, од негативното родителство, запоставувањето на децата во воспитувањето, односно лошата грижа за децата со најчесто психичко и физичко насилство. Токму овој период се смета за најризичен кога станува збор за зависности. За тоа разговаравме со д-р Ѓорѓе Хаџи-Ангелковски, психијатар кој целата своја кариера работи на лекување на болестите на зависност.
– Детето во пубертетот станува физички посилно, може да му се спротивстави на родителот или на кој било друг авторитет, но ни оддалеку не постигнува психолошка зрелост која би го заштитила од негативните предизвици на животот, особено од светот на супстанциите што можат да се злоупотребат – раскажува докторот.
Тинејџерите експериментираат со недозволеното
Д-р Хаџи-Ангелковски објаснува дека адолесценцијата е период на истражување и љубопитност во животот, кога младиот човек, ослободен од стегите на родителот, влегува во експеримент со недозволеното само за да покаже отпор кон возрасните.
– Дали еден млад човек во однос на дрогите ќе остане на ниво на експеримент или ќе стане вистински зависник со сите последици врз неговото психолошко и физичко здравје, зависи од многу фактори – објаснува д-р Хаџи-Ангелковски. Неговото долгогодишно искуство покажало дека притисокот што владее од врсничката група (peer pressure) е пресуден, односно ако во групата во која се нашол младинецот има други тинејџери што посегнале по дрога, често се случува и тој да потпадне под групниот идентитет и да посегне по опасни супстанции, а пред сè поради дифузен и недоразвиен индивидуален идентитет.
– Ако младинецот е воспитно запоставен, склон кон деликвентно однесување, дрогата ќе означува дел од пркосот и отпорот кон возрасните – вели тој.
Најчесто личностите што имаат подлабоки психолошки нарушувања, со тенденција кон депресивност и анксиозност, кои настанале во текот на нивниот ран психолошки развој, се повеќе склони кон земање супстанции кои ќе ги релаксираат и опуштат и ќе го намалат психолошкото страдање со бегство во еден нереален свет.
Зависностите се магичен круг од кој нема излез
Деца што имаат доза на нарцизам и често имаат епизоди на досада, празнотија, депресија и покачена анксиозност.
Во практика се покажало дека децата што се агресивни ја искажуваат својата немоќ преку бес, фрустрирани се и не се прифаќаат себеси, па најчесто посегнуваат по дрога.
– „Еј видете ме, јас не сум повеќе дете, ќе правам отсега што сакам“… Младиот човек глуми возрасен, без одговорност што и како му се случува и ќе посегне по дрога или алкохол – раскажува д-р Хаџи-Ангелковски.
Ако детето има психолошки конфликти и подлабоки противречности кои завршуваат со депресија и анксиозност, тогаш излезот го бара во дрогата за да се чувствува исполнето. Се создава лажна слика за совршен живот и најверојатно никогаш нема да излезе од овој маѓепсан круг.
912