Игротека

Д-р Бојанин: „Не можеме да ги водиме децата и младите со наредби. Љубовта и разбирањето се најважни“

Младоста е тешка и сериозна развојна доба. Во младоста се развиваат највисоките мисловни капацитети кај човекот, како и најдлабоката емоционалност. Човек првпат ги открива овие нови можности во себе, а воедно се соочува и со нови, разгранети појави околу себе. Проблемот е како да се избере вистинското?

Така доаѓа онаа позната реченица: „Во време на војна се плашевме и жалевме за секој загинат млад човек“, а потоа, тие исти млади купуваат автомобили, јурат по патиштата и гинат во сообраќајки.

Не можеме да ги водиме децата и младите така што ќе застанеме пред нив и ќе им кажеме што да прават. Авторитетот е многу опасна појава и опасен поим. Кога родителот ќе каже „Го изгубив авторитетот пред моето дете“, тој всушност зборува глупости.

Не нѐ води авторитетот низ животот, туку нѐ водат љубовта и разбирањето. Бидејќи без разбирање нема љубов. Кога се разбираме, се сакаме.

Велат: „Таа ме разбира“, „Децата ме разбираат“, „Јас нив ги разбирам“. Разбирањето е вратата која нѐ воведува во љубовта. А љубовта е сериозна работа. Љубовта не се учи, туку со љубовта ние всушност го откриваме животот. Со љубовта го откриваме повикот, пријателот, жената, детето. Дури потоа доаѓа умот, кој ни помага да го разбереме и да го развиеме она што го сакаме и кон што се однесуваме со љубов.

Ако се вратиме наназад во времето што го преживеавме, црквите беа празни. А сега, ако влезете во црква, ќе видите млади луѓе насекаде.

Кога ќе им дадеш малку повеќе слобода, младите умеат да прават послободни и посоодветни избори. Грешка е кога од нив бараме апсолутна послушност и прифаќање на нашите мисли.

Во минатото луѓето оделе кај пророци, на свети места, да прашаат дали ќе оздрават, дали ќе се зачува престолот. И таму, во храмот на Аполон, некој напишал: „Спознај се себеси.“ Никој не знае кој го напишал тоа, но луѓето го прифатиле.

Потоа дошол Сократ, кој бил фасциниран од таа реченица и почнал да разговара со луѓето, водејќи ги кон себеспознавање. Целта е да нѐ насочи да влеземе во дијалог со себеси, постојано да бидеме во контакт со себеси, да бидеме будни. Да се прашуваме дали она што сме го направиле или помислиле е исправно. Да бидеме постојано во грижа за себеси.

Најлесно е да се налутиш кога некој ќе те навреди, или да се одмаздиш. Но, да се разбере што всушност се случило, тоа веќе значи да ја отвориш таа „темпирана бомба“ на омраза и навреда, и за себе и за другиот.

Приказната за „Спознај се себеси“ е токму она на што образованието треба да нѐ научи. Но, училиштето не нѐ учи на тоа. Ни дава само оценки и толку. А тоа е, всушност, страшно.

Автор: проф. д-р Светомир Бојанин
Извор

Поврзани написи

To top