Новите мајки имаат поголема веројатност да доживеат силна болка што ги нарушува сонот и активностите од секојдневниот живот, како и да развијат нарушувања на спиењето, ако се породат со царски рез – покажува ново истражување презентирано на годишниот конгрес „Анестезиологија 2025“.
-Спиењето често се занемарува при постпородилното закрепнување, но е клучно за физичкото и менталното здравје на мајката. Царскиот рез особено се чини дека го зголемува ризикот од силна болка и нарушувања на спиењето, што може да доведе до постпородилна депресија, проблеми со размислувањето и меморијата и замор, како и да го наруши поврзувањето на мајките со нивните бебиња и односите со семејството и пријателите – вели Мо Такеношита, главен автор на студијата и научник на одделот за анестезија во Центарот за академска медицина при Универзитетот „Стенфорд“.
Студијата вклучувала и квалитативни и квантитативни анализи. За квалитативната анализа, авторите интервјуирале 41 мајка за нивните болки и искуства со спиењето по породувањето, од кои 24 имале вагинални породувања, 11 имале закажан царски рез и шест кои искусиле царски резови кои биле непланирани. Повеќе од две третини од мајките што имале царски рез (73% од закажаните царски резови и 67% од непланираните) пријавиле силна болка што ги нарушувала сонот и активностите од секојдневниот живот, во споредба со 8% од оние што имале вагинални породувања.
За квантитативната студија, авторите анализирале национална база на податоци од повеќе од 1,5 милион мајки, кои родиле бебиња помеѓу 2008 и 2021 година. Тие утврдиле дека оние што имале царски рез имаат 16% поголема веројатност да им биде дијагностицирано ново нарушување на спиењето (на пр., несоница, лишување од сон или опструктивна ноќна апнеа) помеѓу еден месец и една година од породувањето, во споредба со оние што се породиле вагинално.
-Новите мајки, особено оние што закрепнуваат по царски рез, треба да бидат сигурни дека соодветно ја контролираат болката, бидејќи нетретираната болка може да го влоши сонот – вели д-р Такеношита.

Други мерки што можат да помогнат во подобрувањето на сонот се редовно вежбање, спиење кога бебето спие, избегнување кофеин или алкохол доцна во денот и опуштање пред спиење со капење или вежбање длабоко дишење.
-Околу една третина од породувањата во САД се со царски рез. Оние што планираат царски рез треба да разберат дека постапката е поврзана со посилна болка по породувањето и поголем ризик од нарушувања на спиењето. Секој што има проблеми со спиењето во текот на бременоста или по породувањето треба да разговара за своите грижи со својот лекар, кој може да го процени проблемот, да даде препораки и да ги упати кај специјалист доколку е потребно – заклучил д-р Такеношита.