Постои посебен вид ранливост што доаѓа со бременоста. Жените стануваат свесни за моќта на своето тело и неговата способност да развие ново битие. Затоа, влоговите за зачувување на сопствената безбедност и здравјето стануваат уште поголеми. Бремена жена во Велика Британија открила дека истото тело во кое било сместено нејзиното бебе во развој е дом и на тумор на нејзините јајчници.
За среќа, со помош на модерната медицина, лекарите успеале да ги спасат и мајката и бебето со единствена, иновативна операција.
Кога Луси била бремена во 12. недела, лекарите ѝ кажале дека има рак на јајчниците, објави Би-би-си.
-Докторот радиолог ни објасни како напредува бебето, а потоа едноставно замолкна. Неколку минути Адам и јас се гледавме и си помисливме: О, Боже, нешто не е во ред – се присетила мајката.
Конечно, докторката ѝ кажала на Луси дека видела нешто на нејзиниот јајчник и дека треба да посети специјалист.
Ѝ ја отстраниле матката
Осум недели подоцна, во 20. недела од бременоста, лекарите во болницата „Џон Радклиф“ во Оксфорд извршиле петчасовна операција, отстранувајќи го туморот од двата јајчници на Луси, зад матката. Тие верувале дека ако чекаат до крајот на бременоста за да ја оперираат, ракот ќе се прошири низ целото тело, ставајќи ја во поголем ризик. За да извршат операција на јајчниците, лекарите морале да ѝ ја отстранат матката.
Двајца ja држеле матката
Матката на Луси, со бебето сè уште внатре, останала поврзана за да се одржи протокот на кислород и хранливи материи за време на операцијата. Матката била завиткана со стерилни физиолошки облоги за да се имитира телесната температура. Потоа, двајца членови на медицинскиот тим ја држеле матката во свои раце во текот на целата операција. Лекарите го отстраниле ракот на јајчниците и ја вратиле матката на место.
Хјуман Солејмани Маџ, консултант по гинеколошка онкологија, го пофалил тимот за успешното завршување на сложената и предизвикувачка процедура.
-Експертизата и стручноста на нашиот мултидисциплинарен тим обезбедија позитивен исход и за Луси и за нејзиното бебе – рекол тој.
Луси, исто така, изразила благодарност до нејзиниот медицински тим.
-Секој доктор и медицинска сестра со кои разговаравме беа прекрасни, поддржувачки настроени, професионални и ни ја дадоа потребната сигурност. Никогаш не се посомневав дека нема да се грижат добро за нас – истакнала таа.
Луси се породила природно во 37. недела, донесувајќи го свет синот Раферти.
-Тоа беше најнеобичното, најстресно време. Но, тој е тука и е прекрасен, а јас апсолутно уживам што сум негова мајка – заклучила таа.