Неколку мајки откриваат чудни ситуации поради кои знаеле дека се бремени и пред да направат тест за бременост. Необична желба за одреден вид храна, промени во расположението, краткотрајни вртоглавици – се знаци кои укажуваат на бременост.
* Штом влегов во продавницата тоа утро, веднаш почнав да размислувам што да земам за грицкање. Моето омилено чоколадо, како и обично? Не. Бадеми? Не. Хммм, маслинки? Да!
Кога тргнав кон полицата за маслинки, си помислив: „Се обложувам дека сум бремена“. Иако сакам маслинки и можам да ги јадам секој ден, обично не сакам да ги јадам наутро – освен кога бев бремена со синот. Работата беше во тоа што беше прерано да направам тест за бременост. Ја држев таа мала тајна во себе до крајот на неделата, кога направив тест кој потврди дека сум бремена. – Марина
* Знаев дека сум бремена кога бев во продавница со мојот едногодишен син и одеднаш толку ми се заврти и ми стана жешко што морав да легнам и да се испружам на подот за да не се онесвестам и да не паднам.
За среќа, мојот син не се исплаши бидејќи мислеше дека си играм! Веднаш купив тест за бременост и резултатот беше позитивен. – Кристина
* За втората бременост едноставно знаев. Не чувствував преголема чувствителност во пределот на градите, немав утрински мачнини, но имав мигрени, што за мене е невообичаено. Една беше толку силна, што не гледав на левото око околу еден час. Следното утро направив тест и добив одговор: бремена сум! – Бранка
* Мојот мачор Зевс почна да ме следи на секој чекор и секогаш сакаше да биде во моја близина. Почна повеќе да мјаука, особено ноќе, и да спие на мојата перница. Го одведов на ветеринар за да му направи некои тестови, но тој не откри никаков здравствен проблем. Во амбулантата се шегуваа дека можеби сум бремена.
Побарав на „Гугл“ што значат промените во однесувањето кај мојот мачор и најдов написи во кои бремени жени раскажуваа како се однесувале нивните мачки со нив. За секој случај одлучив да направам тест. Бев многу возбудена и изненадена бидејќи за бременоста дознав многу рано благодарение на мачорот, иако немав никакви симптоми. – Јана
* На почетокот на мојата прва бременост се сеќавам дека со сопругот отидовме на вечера (пред да дознам дека сум бремена) и не можев да го почувствувам алкохолот во мојот пијалак. Во мексиканскиот ресторан дури и му ја вратив мојата маргарита на келнерот бидејќи не можев да ја почувствувам текилата во неа. Тоа беше првиот знак дека сум бремена. – Андреа
* Пријателката ми ги опишуваше разните знаци за својата бременост, како екстремен замор и чудни појави на кожата. Додека таа зборуваше, во главата ми се премотуваше тоа „чудни појави на кожата“. Буквално се гледав во огледало и на прегледот на градите забележав чудни израстоци како мозолчиња.
Кога сфатив дека таа зборува за она што и јас го имам, се шокирав. Помислив дека тоа не е можно бидејќи само пред еден месец престанав да ги земам антибеби-таблетите. Веднаш отидов во аптека и купив тест за бременост. Се разбира, резултатот беше позитивен. – Ана
* Една вечер сопругот и јас излеговме на пијалак. Следното утро се разбудив и знаев дека сум бремена. Циклусот сè уште не ми доцнеше, немав мачнини. Ништо невообичаено не се случи. Едноставно – знаев. Немаше ниту еден знак. Тоа може да се нарече и предмајчинска интуиција. Направив тест и тој беше позитивен. – Татјана
* При секоја од моите три бремености почнував да се однесувам чудно неколку дена пред термините за добивање менструација. Тие денови се движев наоколу со широка насмевка на лицето, а потоа направив тест кој ми ја потврди бременоста. Никогаш на својот сопруг не сум му соопштила дека сум бремена на некој посебен или планиран начин бидејќи по моето непрекинато смеење веќе знаеше дека сум бремена. – Лана