Зоран Коциќ, кој заедно со својот татко, со сопствени раце изградил викендица од околу 100 квадрати на Фрушка Гора, одлучил да им ја подари на деца заболени од рак.
Овој човек од Нови Сад, Србија, и неговата сопруга Софија Бајиќ го контактирале Националното здружение на родители на деца заболени од рак „Нурдор“ и им кажале дека сакаат да ја подарат својата викендица за децата што се на лекување или се излечени од рак да имаат каде да престојуваат во природа. Договорот од „Нурдор“ и овој благороден човек го потпишале на Светскиот ден на добрината.
Претседателката на здружението, Јоланд Корора, истакнала дека ретки се луѓето што се одлучуваат на вакви големи гестови, а Зоран Коциќ имал само две барања – викендицата никогаш да не се продаде и пред објектот да стои табла на која ќе пишува дека се работи за донација на куќа, која овој човек ја изградил заедно со татко му Јован.
фотоизвор: „Нурдор“
– Само ми се јавија на телефон и ми рекоа дека по долго размислување што да прават со викендицата, дознале за „Нурдот“ и одлучиле да ни ја донираат. Викендицата има 100 квадрати и има огромен двор, а во неа Зоран престојувал девет години поради здравствената состојба. Сепак, многу е емотивно поврзан за викендицата. Овој ден за нас беше многу емотивен, но и убав бидејќи се работи за прекрасен човек на кој многу сме му благодарни – истакнала Јоланд.
Дворот е во лоша состојба, но за неговото средување ќе се погрижи „Градско зеленило“ на трошок на претпријатието. Исто така, многу волонтери веќе се пријавиле да ги поправат инсталациите за оваа викендица да може да се користи за престој на малите деца.
– Имаме многу работа пред нас со новата донација, но ние изградивме и болница – па зошто не би можеле да реновираме викендица – вели претседателката на „Нурдор“.