Сè повеќе деца мора да работат за финансиски да им помогнат на семејствата по колапсот на економијата во Авганистан. Дури и пред доаѓањето на талибанците на власт, кон средината на август 2021 година, стотици илјади деца биле присилени да заработуваат поради широко распространетата сиромаштија.
Меѓутоа, по промената на власта, паричната помош што Авганистан ја добиваше од меѓународните заедници во голема мера е укината. Воведени се и санкции, а како резултат на тоа расте невработеноста.
„Татко ми ја изгуби работата, а никој друг во домаќинството не работи. Па морав да почнав да чистам чевли за да заработам“, вели едно дете. „Чистам автомобили“, се надоврзува друго. На прашањето на новинарот дали работата му е лесна или тешка, детето вели: „Тешка“. „Ова се моите роднини, почнаа со работа пред еден месец. Со нив сум во случај некој да ги нападне“, вели уште едно од децата што работат во Авганистан.
Каде и да се движите низ Кабул, ќе забележите деца што работат. Дури и кога милијарди долари пристигнувале во Авганистан како помош, сепак голем дел од децата морале да работат за да придонесат финансиски во семејството. Луѓето гладуваат, а бројот на деца што почнуваат да работат е сè поголем.
Приказната на Би-би-си го следи денот на Первез, кој има 13 години, и неговите роднини, кои од 8 часот наутро се подготвуваат за работниот ден. Чистат чевли за да заработат. Заработува по 50 авгани дневно, што е еднакво на половина американски долар. Порано заработувал и по 150, но сега веќе нема толку работа. Кога татко му ја изгубил работата, Первез престанал да оди на училиште за и тој да почне да работи. Една кеса брашно во Авганистан чини 3000 авгани, а шише зејтин 3.500 авгани. Едноставно, цените се премногу високи. Татко му бара работа и вели дека порано можел да ги покрие основните трошоци, но сега веќе не може да заработи ниту за да купи векна леб, а истакнува дека судбината на сите во Авганистан е таква.
„Толку сум тажен, што ме боли стомакот кога луѓето не сакаат да им ги исчистиме чевлите и да заработиме“, вели Первез. Најчесто не можат да заработат ни за да купат леб.
„Инженер. Доктор. Пилот“, ова се нивните соништа и професии кои сакаат да ги имаат кога ќе пораснат. Велат дека ако родителите најдат работа, тогаш ќе продолжат да одат на училиште, но ако не се случи тоа, тогаш ќе мора да продолжат да работат по кабулските улици.
Државните службеници во Авганистан ги бараат неисплатените плати, редовите пред банките се огромни, а има и санкции. Децата гладуваат сè додека не заработат доволно за леб. Откако конечно наоѓаат клиент, добиваат малку пари за да може да однесат дома јадење. Клиентот вели дека во текот на денот се среќава со околу 100 до 150 деца што бараат работа.
Первез вели дека е среќен што може да му помогне на семејството, но е свесен дека треба да оди и на училиште бидејќи, како што вели тој, „со училиштето може да постигнеме нешто во животот“.