Ученици од Основното училиште „Лазо Трповски“ во Скопје освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. Заедничкиот проект изготвен од учениците од 4б одделение – „Ние и Ербас“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори, Елена Угриноска и Стефан Симовски.

Проектот на учениците од ова училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе помеѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман наградените добија соодветни дипломи и соодветен трофеј (автентичен модел на товарниот авион од флотата на Ербас: ербас белуга во размер 1:200).

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза техник АД и концернот ЕАДС (во чиј состав влегува и познатиот производител на патнички авиони ербас).
– Конечната одлука ја донесе деветчлено стручно жири. Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици им се обрати раководителот на натпреварот, Тим Е. Бранд, кој истакна дека се наградени затоа што проектот е фантастичен, затоа што се забавувале додека го работеле и затоа што се одлични тимски играчи. Учеството на овој меѓународен натпревар „Лазо Трповски“ го реализира како воннаставна активност – вели Симовски, кој е предметен наставник по германски јазик.



912

X