Воспитување

Четири збора што ќе ѝ стават крај на упорноста на детето, откако еднаш сте кажале не

Дали некогаш сте сретнале поупорно суштество од дете кое навистина сака нешто? Нема попосветено и порешително суштество на Земјата од петгодишно дете кое одлучило да слушне „да“ наместо „не“.

За родителите тоа значи бескрајно убедување и изнесување аргументи на често најнесоодветните места (во продавница, на игралиште, на гости…). Децата како да чувствуваат дека тогаш сме особено ранливи и дека имаат најголеми шанси да го постигнат она што сакаат да го постигнат.

Затоа е важно да се прекинат преговорите пред да излезат од контрола. Во спротивно, може да се случи детето да прашува повторно и повторно и повторно. За секој случај, можеби сте се премислиле. Тоа не значи дека треба само да го погледнете за да му бидат јасни работите, бидејќи тоа само значи дека сте го исплашиле. А сигурно не го сакате тоа. Па, како, тогаш, да се стави крај на неговото настојување?

Зошто децата се толку упорни?

За да престанат да го поставуваат истото прашање, најпрво мора да го разберете проблемот. Прво треба да знаете дека ова е научен модел на однесување кај децата. Не го измислија, туку некаде го виделе. И ако еднаш, во момент на слабост, се согласите да го исполните барањето за кое на почеток сте велеле не, детето ќе знае дека ако досадува, на крајот ќе добие да.

Како да го поправите тоа?

Како што секое однесување може да се научи, исто така може да се одучи со малку труд. Решението, во една од неговите книги, ни го дава Лин Лот, коавтор на многу книги за позитивна дисциплина. И тоа е решение кое дава резултати и за двегодишните деца и за тинејџерите. Од вас бара да кажете четири едноставни збора: „Ти праша, јас одговорив!“

Концептот е едноставен. Иако на почеток е тешко, подоцна е многу полесен.

Така, кога седумгодишното дете ќе побара сладолед, а вие ќе речете дека не може затоа што веќе јадело, има големи шанси да следува едно „ама, те молаааам“, потоа друго, па трето. Чисто да ви биде јасно дека детето навистина го сака тој сладолед.

Наместо безброј пати да повторувате дека не може да добие сладолед и да објаснувате зошто, доволно е да го направите тоа еднаш, а следниот пат едноставно кажете: „Ти праша, јас одговорив“.

Еве како почнува:

Прв чекор – Прашајте го детето: „Дали си слушнал за „Ти праша, јас одговорив?“ Детето веројатно ќе каже не.

Втор чекор – „Дали веќе ме праша да ти дадам уште еден сладолед?“ Детето ќе каже да.

Трет чекор – „Дали ти одговорив?“ Детето ќе каже нешто како: „Да, ама мамо…“

Четврти чекор – Дали изгледам како мајка/наставничка/воспитувачка која ќе се премисли само затоа што ме прашуваш истото повторно и повторно?

Петти чекор – Ако детето повторно дојде, кажете му ги истите зборови: „Ти праша, јас одговорив“.

Откако ќе го воспоставите овој систем, ќе биде доволно еднаш да кажете НЕ и да објасните зошто рековте не.

Доследноста е клучот! Откако ќе одлучите да го користите методот „Ти праша, јас одговорив“, држете се до него. Ако детето продолжи да прашува откако сте ги кажале овие четири збора, едноставно тргнете се. Штом детето ќе сфати дека по тие зборови нема повеќе дискусија, брзо ќе научи дека постојаното повторување на прашањето нема цел и е само губење енергија.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top