Емоционалната врска што детето ја остварува со родителите, најчесто со мајката, се нарекува приврзаност, а се согледува со барањето и одржувањето на блискоста, особено во услови на стрес. Во минатото се сметало дека приврзаноста се развива непосредно по раѓањето, и тоа при контактот со мајката, но многубројни истражувања покажале дека не е така. Приврзаноста е под големо влијание на родителската чувствителност на потребите на детето, но врз приврзаноста влијае и самиот темперамент на детето.
Тест во соба со играчки
За татко на теоријата на приврзаност се смета британскиот психолог Џон Боулби, кој заедно со своите соработници направил многу експерименти на оваа тема. Еден од експериментите бил запазување на однесувањето на мајката и детето во соба полна со играчки. Со истражувањето е уочено дека постојат деца со несигурна приврзаност, кои никогаш не го напуштале скутот на мајката, дури ниту да си поиграат со многу интересни играчки. Некои заминувале од мајката, играле и не ѝ се враќале подолго време.
Покрај овие две групи, постоеле и деца што во почетокот биле блиску до мајката, но постепено заминувале да си играат со играчките. Редовно се вртеле за да видат каде е мајката, па на тој начин воспоставувале контакт со „изворот на сигурност“, а потоа продолжувале да си играат и да истражуваат. Ваквите деца имале сигурен тип на приврзаност.
Постојат 4 основни типа приврзаност помеѓу мајката и детето: сигурна, анксиозно-избегнувачка, амбивалентно-отпорна и деорганизациско-контролирачка приврзаност.
1. Сигурни мали истражувачи
Квалитетната грижа за детето е многу важна. Под квалитетна грижа се подразбира честа интеракција со детето, прифаќање на детето и неговиот темперамент, почитување на детето без обиди за приспособувње на детето кон ритамот и темпераментот на родителот. Таквиот родител поставува разумни граници, доследен е во нивната изведба и учествува во истражувањето на светот од страна на детето, преку игра.
За родителот да му помогне на детето да научи како функционира светот, го критикува неговото однесување, но не неговиот темперамент. Родителите што се однесуваат на ваков начин развиваат сигурна приврзаност со детето. Во нови и непознати ситуации тие деца ќе истражуваат, па на одвојувањето од мајките ќе реагираат со помал страв.
2. Деца што избегнуваат блискост
Децата што покажуваат мала вознемиреност во однос на одвојувањето од родителот, а силно се вознемируваат единствено кога ќе останат целосно сами, се деца со анксиозно-избегнувачка приврзаност. Тоа се деца чии мајки зборуваат со нив со топли зборови, играат со нив, но не сакаат близок контакт. Ваквите деца покажуваат помалку истражувачко однесување, помалку емпатија, избегнуваат блиски емоционални врски. Во возрасна доба немаат доверба во другите луѓе и покажуваат страв од интимност.
3. Плашливи и недоверливи кон странци
Поради недоследното однесување на мајките, настанува амбивалентно-отпорна приврзаност. Таквата мајка некогаш ја задоволува потребата на детето за близина, а некогаш не. Тие деца во непозната ситуација малку ќе истражуваат, па често ќе бидат недоверливи пред странците, дури и кога родителот е присутен. Тие деца стануваат несигурни, плашливи, а другите лица ги доживуваат како недоверливи.
4. Без подготвен одговор на стресни ситуации
Последниот вид е деорганизациско-контролирачката приврзаност, која е мешавина на избегнувачко, амбивалентно и сигурно однесување. Тие деца немаат воведен образец на однесување, туку се збунети, исплашени, па може да се однесуваат недоследно или противречно. Често се јавува кај децата чии мајки биле жртви на злоупотреба.
Влијанието на типот на приврзаност врз подоцнежните односи
Сигурната приврзаност овозможува поквалитетен однос со врсниците, популарност, развој на социјални вештини и поголема доверба во однос на другите деца, а подоцна и со возрасните луѓе. Сигурно приврзаните деца покажуваат поголемо ниво на самодоверба и приспособливост, а во однос со одгледувачот покажуваат повеќе самостојност и помалку зависност од своите несигурно приврзани врсници. Тие покажуваат помалку агресивност, лутина и гнев, подобар однос со врсниците, па и поголема послушност.
Недостигот на приврзаност во најраната доба на детето резултира со проблеми во однесувањето во училишниот период. Недостигот на приврзаност кај децата доведува до агресивност и депресија, па тие покажуваат повеќе емоционални и бихевиорални проблеми во споредба со своите врсници што се сигурно приврзани. Кој тип приврзаност ќе го формира детето, зависи од однесувањето на мајката кон него, квалитетот на нивниот однос, мајчината грижа и нежност, нејзиното забележување на сигналите на детето, нивната точна интерпретација од страна на мајката, како и соодветниот одговор на нив.
Автор: Лана Жигиќ Антиќ, магистер по психологија