Воспитување

Четири стратегии за одржување на мирот меѓу децата

Доколку вашиот дом се претворил во воено поле откако сте дома, верувајте, не сте сами. Милиони родители се борат со истата ситуација. Самиот факт дека децата го делат истиот простор 24/7, дека им недостигаат другарите и многуте активности на кои се навикнати, но и досадата што ја чувствуваат, целосно го оправдуваат таквото однесување. Најмногу ве чуди тоа што и оние најмирни мали деца почнуваат да создаваат проблеми?

Ајде малку подобро да погледнеме под површината. Иако сме заедно со децата дома секој ден, едноставно делењето на просторот не мора да значи и вистинска емотивна блискост. Замислете го своето дете како резервоар за внимание, кој треба секојдневно да се дополнува. Најдобар начин е преку квалитетно поминато заедничко време. Доколку децата немаат доволно внимание, многу лесно ќе се обидат на свој начин да дојдат до него, што вклучува солзи, попречување, викање, но и расправии со братот или сестрата. Во тој момент, кога ќе им дадеме внимание само затоа што тоа е побарано од нас на погрешен начин, сосема е сигурно дека ваквото однесување ќе се повтори.

Од друга страна, би требало да разбереме дека кавгата може да ги претставува и емотивните и физичките потреби на детето со кои не умее да се избори, па потоа конфликтите претставуваат детски плач за помош. За среќа, постојат многу начини за покажување внимание на децата, а и да ги научиме подобро да се однесуваат. Ви претставуваме четири стратегии:

1. Секојдневна работа на подобро однесување

Барем еднаш дневно, два пати ако сте во можност, поминете 10-15 минути сами со едното дете и правете го тоа што го сака. Пронајдете начин да му дадете на детето неограничено внимание во текот на тој период. Подоцна тоа нема да има потреба да го бара влегувајќи во кавга со братот или сестрата. Ќе добиете мир во домот.

2. Социјална дистанца меѓу браќата и сестрите

Психологијата секогаш истакнува дека никогаш не можеме да ја контролираме другата личност, туку исклучиво само себеси. Без разлика на тоа што живеете во мал стан или куќа и без разлика на тоа дали имате помлади деца или тинејџери, можете да направите одвоени простори за да се одморите еден од друг. Следете го планот:

– Забележете ги тешките периоди. Дали децата повеќе се расправаат кога ќе станат, навечер или пак по оброк, додека сте вие во кујна? Обидете се да пронајдете рамка, па трудете се да ги дистанцирате во тие моменти. Доколку, на пример, се расправаат наутро, додека едно дете појадува, другото нека се облекува во соба, а потоа направете замена.

– Направете простор во дневниот план. Ако правите план за училишни активности, рутини, време во дворот или за вашата работа, одредете и еден период кога децата, секој во своја просторија, ќе имаат време за себе. На пример, едното нека учи во дневната соба, а другото нека свири на инструмент или нека игра надвор.

– Поголема меѓусебна дистанца. Ако децата ја делат собата, секое мора да има некој свој дел, на пример, кревет, каде што може да се сокрие. Забавен начин е и во некои моменти да направите „ѕид од перници“, па да уживаат во одвоени простории.

3. Креирање квалитетно заедничко време

Како што децата имаат потреба за вниманието од родителите, исто така им е потребна и блискоста со братот или сестрата. Многу често кавгите започнуваат и тогаш кога едното дете чувствува недостиг на љубов од другото. Ова може да се спречи со организирање на нивните заеднички самостојни активности. Во време кога се расположени, направете нивно време и простор за јакнење на меѓусебните односи.

4. Решавање на кавгите во моментот

Колку и да е тешко, најдобро е родителите да останат настрана, освен ако не дојде до многу сериозни проблеми. Ако ја решаваме секоја нивна кавга, децата нема да научат сами да ги решаваат конфликтите. Доколку баш мораме да се вмешаме, тоа може да се направи без долевање масло на огнот.

– Пристапете со „вауу“. Наместо да ги нападнете кој ја започнал кавгата и ги слушате сите детали, можеби реченицата: „Вауу, изгледа дека имате проблемче, како можам да помогнам“ ќе биде многу подобра. Ова ќе ги стави работите на вистинската патека и ќе ја смири ситуацијата бидејќи никого не обвинувате.

– Смирете се и решете го проблемот. Децата нека предложат идеи, а вие помогнете им да пронајдат решение што ќе им одговара на сите. Ако немаат идеја, предложете вие. Важно е да се создаде компромис.

– Сите во иста каша. Ако децата не можат да постигнат договор, условете ги – или ќе го решат проблемот или играчката ќе им се одземе. Ако се сретнат со еднакви последици, полесно ќе функционираат како тим за да пронајдат решение.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top