Идните мајки често се мачат околу тоа што би требало да јадат. Тие не се сигурни дали секоја храна е безбедна и дозволена и се прашуваат дали тоа што го јадат може да му наштети на бебето. Тоа се вообичаени прашања меѓу трудниците, но во повеќето случаи нема причина за грижа, тврди нутриционистот Шарлот Стирлинг Рид.
Таа објаснува дека жените честопати паѓаат на митови и непотребно се ограничуваат во исхраната во бременоста, па затоа наведува кои четири намирници не треба да ги исфрлите од исхраната додека сте бремени, бидејќи се безбедни доколку се консумираат правилно.
Кафе
Ако ги следите упатствата за безбеден внес на кофеин до 200 милиграми дневно, нема причина да се откажете од утринското кафе.
„Важно е да ја знаете вашата дневна граница бидејќи редовното консумирање премногу кофеин може да го зголеми ризикот од компликации при раѓање“, истакнува Стирлинг Рид.
Суши
Ако сакате суши, слободно јадете го, но внимавајте рибата да е сварена.
„Сировите риби и сировите школки не се препорачуваат за време на бременоста поради ризикот од присуство на листерија. Тоа може да биде штетно за нероденото бебе, а може да му наштети и на здравјето на мајката“, вели нутриционистката.
Бремените жени имаат десет пати поголема веројатност да добијат листериоза (инфекција предизвикана од бактеријата листерија), отколку општата популација, според Центрите за контрола и превенција на болести. Симптомите вклучуваат повраќање и дијареја, а во ретки случаи може да доведат до спонтан абортус или предвремено породување.
Кикиритки
Постои мит дека трудниците не треба да јадат јаткасти плодови, но Стирлинг Рид тврди дека тоа не е точно.

„Се препорачува да се избегнувате кикиритки или јаткасти плодови само ако сте алергични на нив“, рекла таа.
Јајца
Конечно, јајцата, кои пред неколку години стекнаа репутација на забранета храна за време на бременоста, всушност се безбедни за консумирање, според Стирлинг Рид.
„Може да се консумираат јајца. Сировите јајца носат мал ризик од салмонела, поради што трудницата може да се разболи поради труење со храна, но генерално сварените јајаца не се проблематични“, заклучила таа.