Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Се работи за 10-годишно девојче, проблемот е што воопшто не ме слуша. Како мајка, цело време ѝ зборувам, ѝ кажувам, ѝ ги спремам алиштата, а таа никогаш не сака да ги облече. Носи нешто што е валкано или старо, оти ѝ било полесно, не ѝ пречело. Во школо имаше проблем со другарите. Вели дека ѝ пречат и се исмејуваат со неа дека е дебела, а мене наставничката ми велеше дека таа многу им се меша во секој разговор, па затоа не ја сакаат.
Цело време се тепа со сестра ѝ, која има 6 години. Ѝ велам да си ги средува своите алишта, а таа само ги фрла по собата. Често ме тера да плачам, ама вчера таа многу плачеше. Ми рече дека веднаш се нервира и не може да се контролира, па вика, вреска, плаче! Навистина сум во тешка ситуација. Дали ќе се промени или не? Што да направам, да не е проблемот кај мене?
Прашува: А.П.
ОДГОВОР: Почитувана мајка, однесувањето на децата кон надворешниот свет е одраз на нивниот внатрешен психо-емоционален свет. Еднаш прашав едно девојче клиент што претставува нејзината детска соба, а таа ми одговори: „Мојата соба се моите мисли“. Со ова сакам да ви кажам дека децата во овој период, особено девојчињата, преку својата соба и растурањето на алиштата го преточуваат својот конфузен свет и неразрешени мисли, како и сликата за себе и за околината.
Христина Стефановска, лиценциран психолог
Однесувањето на вашата ќерка, како непослушност и отпор кон домашните обврски, агресија кон помалата сестра, неспособноста за контрола и регулирање на емоциите, ја прави кревка во справување и со врсничките, па и со авторитетните социјални врски. Таквата кревкост и кршливост го ослабува нејзиниот психолошки имунитет и ја нарушува сликата за себе која во овој период на секое дете му е најпотребна да биде цврста и здрава. Потребно е да ѝ покажете дека многу ја сакате, да ѝ ја преточите емоцијата љубов во секоја можна ситуација, да ја уважувате како личност поттикнувајќи ги и потврдувајќи ги нејзините добри особини.
Никогаш не критикувајте ја нејзината личност, особено не со погрдни зборови или етикети како на пример: непослушна, трапава, несмасна, непедантна итн. Критикувајте го нејзиното однесување, но не преку „ти пораки“, т.е. не велете ѝ „ти не ја средуваш својата соба, ти не си ги средуваш алиштата…“, туку кажете ѝ: „Мене не ми се допаѓа тоа што не ги средуваш твоите алишта, тоа зборува многу за твоите мисли и чувства. Тука сум за тебе да ти помогнам да го надминеш она што ти се случува“. Ќерката треба да има обезбедено емотивна подршка и прибежиште во својата мајка, мајка која верува во својата ќерка.
Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912