Јаглеродни честички се пронајдени во плацентата кај жени изложени на загаден воздух во текот на бременоста, велат научниците.
Истражувачите велат дека ова се првите докази дека плацентната бариера може да биде пробиена од честички што ги вдишуваат мајките, иако додаваат дека е потребна дополнителна работа за да се утврди дали тие можеле да стигнат до нероденото бебе.
Потенцијално штетните честички биле откриени во плацентите на сите 28 жени што дале примероци од ткивото за истражувањето.
Истражувачите од Универзитетот „Хаселт“ во Белгија користеле слики со висока резолуција за да ги детектираат честичките во плацентата собрани од пет предвремени и 23 навремени раѓања. Тие откриле дека 10 мајки што биле изложени на високи нивоа на честички од јаглерод – 2,42 микрограми на кубен метар за време на бременоста – имале поголемо ниво на честички во плацентата отколку 10 мајки изложени на ниско ниво на јаглерод – 0,63 микрограми на кубен метар.
Честичките од јаглерод се ослободуваат секој ден од воздухот, главно од согорување на фосилните горива. Се смета дека тие можат да имаат штетни ефекти врз бременоста, вклучително и зголемени спонтани абортуси и предвремено породување.
Истражувачите велат дека е важно да се разбере дали овие честички влијаат врз бременоста директно или предизвикуваат некаква реакција во телото на мајката.
– Нашите резултати покажуваат дека плацентната бариера не е непропустлива за честичките. Нашето набљудување засновано врз условите на изложеност во реалниот живот е во согласност со претходно пријавените екс виво и ин виво истражувања што го проучуваат плацентното пренесување на разни наночестички – велат истражувачите.
Ендру Шенан, професор по акушерство на Кингс колеџ во Лондон, вели дека откритијата се повод за загриженост и бараат понатамошна истрага.
– Малите честички може да предизвикаат значителни заболувања поврзани со плацентата. Плацентата е интерфејс меѓу мајката и бебето и е клучна за негување и поддршка на сите потреби на бебето. И функцијата и структурата на плацентата се важни, не само за растот и благосостојбата на бебето, туку и за мајката – вели тој.