Воспитување

Актерот Ченинг Тејтум признава дека не е лесно да се балансира родителството и кариерата: „Тоа се постојани преговори“

Кога размислуваме за балансирање на родителството и кариерата и сè што тоа подразбира, обично мислиме на мајките кои многу почесто се наоѓаат во тој круг, па затоа на мајките најчесто им се поставуваат овие прашања. Но, тоа не значи дека татковците не можат да се чувствуваат исто. Познатиот актер Ченинг Тејтум проговорил на оваа тема.

За време на гостувањето во „Шоуто на Кели Кларксон“, Тејтум – кој го дели старателството со својата поранешна сопруга Џена Дјуан – го опишал постојаното балансирање на кариерата и татковството како „постојани преговори“. Тејтум, кој е татко на 12-годишната ќерка Еверли, ѝ рекол на водителката Кели Кларксон дека секогаш разговара со својата ќерка за сите главни улоги.

-Тоа е рамнотежа и постојано преговарање. Всушност, разговарав со мојата ќерка пред два дена на пат кон училиште бидејќи се обидувам да донесам некои одлуки за филмот што ќе го работам следната година. Ќе се снима во Австралија и нема да ја видам речиси два месеца.

Актерот открил дека никогаш претходно не се занимавал со такви работи, но за време на снимањето на филмот „Руфмен“ започнал такви разговори со ќерката.

-И тогаш разговаравме за тоа бидејќи снимањето беше во Северна Каролина, а таа е во основно училиште.

Тејтум рекол дека тоа е прв пат неговата ќерка да биде во „големо училиште“, што е многу понапорно, и дека се борел со идејата да замине за снимање на филмот затоа што сакал да биде тука за неа.

-Се сеќавам дека разговаравме за снимањето на „Авенџерс: Думсдеј“ затоа што беше во Лондон. Не траеше толку долго, но јас си реков: „Не знам дали сакам да го направам тоа затоа што ќе го пропуштам почетокот на училиштето“. А таа рече: „Не, тато, тоа е навистина добра улога. Сакам да одиш да го направиш тоа“.

Нејзиниот одговор го расплакал и тогаш сфатил колку е важно таа да биде вклучена во големите одлуки.

-Дури и ако навистина не разбираат какви се тие одлуки, мислам дека е важно децата да се чувствуваат како дел од тоа – истакнал тој.

Ченинг Тејтум и неговата ќерка Еверли неодамна се појавија заедно на премиерата на аниме-филмот „Димон Слејер: Инфинити Касл“, во придружба на неговата девојка Инка Вилијамс. Тејтум подоцна објави на „Инстаграм“ дека е особено среќен поради појавувањето бидејќи тој и неговата ќерка се поврзале на посебен начин преку аниме-светот.

Кога пред неколку години го прашале каков татко е, Тејтум искрено одговорил:

-Немам поим, не знам. Само се обидувам да се снајдам. Мислам дека како и секој друг родител, само се обидуваш да не ги зезнеш своите деца. Но, знаеш дека тоа сепак ќе се случи – рекол актерот.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

To top