Седам пред некоја вечер со колешката, зборуваме за сѐ и сешто. Девојката е значително помлада од мене, нема уште ни 30. Има момче, наскоро ќе почнат да живеат заедно. Задоволна е со себе, со својот живот воопшто. Вели дека не сака да има деца.

Односно, нема таа ништо против деца, но едноставно не ја интересираат. Кога ќе види бебе или слатко мало дете, не чувствува порив да се насмее, да му пријде и да го каже она класичното женско „буци буци видии гоо колку е слаткоо бебетооо…“ Рамнодушна е.

Ете, така стојат работите. Не се воодушевува од туѓите деца и затоа мисли дека не сака еден ден да има и свои.

Јас го разбирам тоа.

Јас бев таква, уште сум таква. Не се фрлам на секое дете што ќе помине. Не мислам дека децата по дефиниција се преслатки и неминовни.

Но ете, имам свое. И тоа мое дете го сакам најмногу на светот.

Се обидов да ѝ ја објаснам таа контрадикторност. Од една страна, не бев од оние што фантазираат што побрзо да основаат семејство и да туркаат количка. Не сум заспивала туѓо бебе, не сум се воодушевувала. Не сум ги земала туѓите деца, не сум зборувала за тоа колку едвај чекам да се реализирам како мајка (лош израз). Не размислував за деца. Кога ќе биде, ако биде, ќе биде, тоа ми беше филозофијата.

Го разбирам ставот дека децата не мора да бидат целта во животот. Мене тоа ми е сосема ок. Прво, не сме сите исти и тоа е прекрасно. Различноста во карактерите, сфаќањата, темпераментот – го прави човештвото фантастично. Потоа – што ако жената не може да роди? Има здравствен проблем, не може. Значи ли тоа дека нејзиниот живот нема смисла, дека е безвредна? Тамам работа. Никој не треба никому да му суди. Да се праша жената зошто нема деца и кога планира, тоа за мене е чист примитивизам.

Така, јас кон децата бев помалку или повеќе рамнодушна. Сакав да имам свое, или свои, но не се задлабочував премногу во тоа прашање. Времето покажа дека одложувањето на одлуките не беше најпаметниот потег, но тоа е веќе друга тема.

Јас не се возбудувам околу туѓите деца. Само од моето, ова едно единствено што го родив тогаш кога веќе не ни очекував.

Но, не се променив. Родителството не ме промени. Не бев од оние мајки што ги носеа бебињата и велеа „буци буци гили гили“. Не сметав дека моето бебе е најубаво и најпаметно и нај на светот. Воопшто.

Се роди малечка, имаше два килограми и 400 грама. Морав да ја хранам на два и пол часа, ден и ноќ. Од умор не знаев каде се удирам. Убаво ги прифати шишенцата (не, не доев, немав млеко), брзо се здебели до таа мера што во еден период немаше врат. Главата ѝ растеше директно од рамениците. Подоцна и тој врат израсна, а сега, пак, е преслаба.

Јас го обожавам моето дете, но и понатаму не сум „буци буци гили гили“ мајка. Нежна сум навечер, додека спие, кога ѝ ги покривам слабите нозе и преголемите стапала (леле, само да не ѝ бидат големи како моите), кои излегуваат од под ќебето. Нежна сум додека ја тргам перницата од под нејзината глава бидејќи премногу се поти.

Инаку, јас сум немилосрдна мајка која ја тера ќерката да изеде сѐ што има во чинијата и светлото го гаси во 20 часот и 30 минути. Јас сум сурова мајка која во домот нема сокови, ни чоколада, а за чипсот велам дека е ѓубре.

Јас сум грозна мајка која ја чешла ќерката и не обрнува внимание на нејзиното викање и жалење (мамоооо, ме кубеш, пушти мее..), уште полошо, на лелекањето поради чешлањето нудам – потстрижување.

Јас сум ужасна мајка која ја тера ќерката да вежба математика и по секоја задача ѝ вели – е сега ќе решиш уште една.

Ете. Изгледа дека не сум класична мајка, но моето дете го сакам исто како и сите оние што ја искажуваат љубовта јавно и гласно.

Колешката ме слуша и се смее. Само што купила два преубави фустани и се подготвува за летување со момчето. Задоволна е со својот живот и тоа е ок.

Не ѝ се децата ниту цел ниту суштина на животот. Но, не се ни пречка. Вистина е дека со деца буџетот за фустани и патувања ќе биде малку поскромен. Но, тоа не значи дека со раѓањето жената мора да стане некоја друга, да се претвори во „буци буци гили гили“ робот кој ќе шета во стари тренирки и ќе зборува само на теми за бебиња.

Јас и понатаму си ги сакам работите што ги сакав пред детето. Сакам – нови фустани и возбудливи патувања. Но, сега, ја сакам и неа.

Автор: „Дневник супермаме“



912

X