Букварот е модерна образовна алатка, промоција на македонскиот литературен јазик, културното однесување, љубезноста, искреноста, вистинското другарување, почитувањето на различностите и развивањето на креативниот дух. Магичен свет кој ги развива фантазијата и емоционалната интелигенција

Јас сум Биби, а ова е мојот буквар. Со него на лесен и забавен начин ќе ги учиме и пишуваме печатните и ракописните букви. Со него ќе читаме, ќе рецитираме, ќе пееме и ќе се смееме. Во овој буквар се пополнува, се црта, се бои. Но и откако ќе ги научиш буквите, откако сосема ќе го пополниш, обоиш, исцрташ и украсиш, овој буквар се чува како малечко богатство…

Со оваа порака Биби, најпопуларниот детски анимиран лик, ги пречекува децата и родителите на почетокот на „Букварот на Биби“, најновото печатено издание на „Светот на Биби“. Автори на букварот се писателката за деца Билјана Црвенковска, илустраторот Михајло Димитриевски-Тхе Мичо и дизајнерката Катарина Пренда.
Букварот е книга за целото семејство и многу повеќе од книга која помага децата да научат да пишуваат и да читаат.

„Букварот на Биби“ е редок интерактивен материјал и илустриран водич низ првите јазични поими и знаци. Низ неговите страници се учи не само јазик, говор и артикулација, туку и пошироки културни и социјални вештини кои се основа на здравиот социјален развој на секое дете. Овој Буквар е извонреден, креативен и шаренолик и со него систематично, прецизно и интерактивно се влегува во светот на буквите.
„Букварот на Биби“, всушност, ги отвора вратите за најмалите за соочување со првите претстави за себе, светот, семејството и општеството, вели рецензентот Тамара Ќупева.

– Со неговите јунаци, тие магично созреваат и учат за околината и заедницата во која треба да си го најдат своето место. Со својата симпатичност и отворен другарски пристап – Биби сигурно ќе ги подготви за успешно патување до него! – вели, меѓу другото, Ќупева.

Најважнaта книга во животот на детето

Постојат многу книги и учебници во животот на секој човек. Но, само еден е почеток на сите почетоци. Првата, најважната и најзначајната книга во животот на детето е Букварот, вели проф. д-р Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки.

– Првпат во нашата држава се појавува едукативниот материјал „Букварот на Биби“, кој е методски конципиран и ги интегрира воспитно-образовните подрачја преку имагинација на ликови кои децата ги сакаат и стануваат дел од нивниот свет. „Букварот на Биби“ е мултимедијална педагошка платформа за учење на децата од 4 до 8 години која нуди широк спектар на активности, а ќе им помогне на воспитувачите, наставниците и родителите да ги воведат децата во писменоста и да го развијат нивниот креативен потенцијал – додава проф. Барбареев.

Да се создава ваква книга е многу сериозна задача, меѓу другото, и затоа што треба да е модерна и, како што објаснува одговорниот уредник Жарко Стојановски, приспособена на потребите и интересите на денешните деца.

– Букварот за нас претставува една круна на досегашната работа и најава за она што ќе следува во следниов период, а тоа се многу едукативни изданија и нови онлајн-курсеви во „Бибиверзум“, на кои работиме веќе подолго време со нашиот тим на едукатори и креативци – вели Стојче Коко Ѓорѓиев, директор во „Светот на Биби“.

Ако сакаме иднина во која нашите деца ќе пораснат во лица што ќе имаат широк поглед кон светот, бескрајна фантазија, современа мисла, индивидуално одлучување и ќе бидат образовно надградени, тогаш, вели главниот уредник Марјан Алексовски, треба да се инвестира во образованието.

– Ние успешно го правиме тоа изминативе неколку години преку ликовите од „Светот на Биби“, со содржина која е соодветна за децата. Букварот е издание за сите поколенија, за сите деца, па и за возрасни, нешто што ќе остави трага, а со тоа и ќе им овозможиме на учителите, наставниците и на сите едукатори да имаат една книга од која може да црпат неизмерна инспирација во описменувањето на идните генерации. Нашето мото е: „Децата се учителите на следната генерација“ – објаснува Алексовски.

Мост помеѓу малите читатели и македонскиот литературен јазик

Наташа Маџевска, професор по предучилишно воспитување, гешталт-психотерапевт, вели дека „Букварот на Биби“ ги подготвува децата постепено и лесно да се оспособат за совладување техники на читање и пишување од најрана возраст.

– Преку разнобојноста, игровните активности и поставените проблем-активности кај децата се развиваат визуелното внимание и памтење, визуелните претстави, просторната ориентација на хартија, се негува и се развива фината координација на движењето на дланката и прстите и се развива графомоториката – вели Маџевска.

Мартин Поповски, одделенски наставник, смета дека овој Буквар претставува мост помеѓу малите читатели и македонскиот литературен јазик.

– Низ страниците на Букварот децата ќе се запознаат со многу интересни литературни творби, со забавни и едукативни содржини, кои ќе им помогнат да стекнат нови знаења и вештини – вели Поповски.

За Магдалена Петревска, одделенски наставник, „Букварот на Биби“ е дело кое долго време недостигаше во воспитно-образовниот процес во делот на почетното читање и пишување.

– Низ секоја негова страница провејуваат голем број психо-социјални и моторички вештини чија цел е на игровит и забавен начин да придонесат за личниот, емоционалниот и интелектуалниот развој на децата и полесно совладување на пишувањето и читањето, кои се основен фундамент на понатамошното образование – вели Петревска.

Златица Апостолов, исто така одделенски наставник, вели дека детето ќе го збогати својот речник со нови зборови и ќе го развива своето говорно и писмено творештво.

Развој на критичко размислување и истражувачки дух

Владанка Д. Урошева, професор по одделенска настава, смета дека користејќи го „Букварот на Биби“, децата имаат можност да научат и други важни вештини за читање, како што се именување и раздвојување букви (гласови) на почетокот, на средината и на крајот од зборот.

– Песничките слушнати и повторени значат збогатување на детскиот речник, но значат и поттикнување на детската фантазија и игра. Буквите се таму во „Букварот на Биби“ за да бидат дел од детските зборови, реченици и конечно дел од нивната животна приказна – вели таа.

Педагогот Сузана Аврамовска вели дека Букварот има извонредно осмислена концепција.

– Основната дидактичка намена – описменување на децата со македонската кирилска азбука – е остварена со внесување иновативна свежина во пристапот. Целосно осмислени и богати содржини низ кои со леснотија, во дружбата со детските омилени цртани ликови Биби, Боби и нивните пријатели, децата на забавен начин ќе го усвојат процесот на пишување и читање. „Букварот на Биби“ претставува модерна образовна алатка, промоција на литературниот македонски јазик, културното однесување, љубезноста, искреноста, вистинското другарување, почитувањето на различностите и развивањето на креативниот дух. Магичен свет кој ги развива фантазијата и емоционалната интелигенција. Букварот овозможува и развој на критичкото размислување и истражувачкиот дух кај најмалите. Низ умствена игра целосно се опфатени дидактичко-методските стандарди соодветни за возраста на децата – вели Аврамовска.



912

X