Во Романија и во Бугарија децата се најмногу изложени на сиромаштија, а Словенија и Чешка се со најниска стапка на сиромаштија кај децата. Во Македонија секое трето дете живее под прагот на релативна сиромаштија, а нови 16.000 илјади деца ќе паднат под прагот на сиромаштија, се вели во извештајот на УНИЦЕФ

Се очекува состојбата со ковид-19 силно да влијае врз благосостојбата на децата и се очекува над 19.000 деца во Македонија да живеат под прагот на релативна сиромаштија, се вели во последниот извештај на УНИЦЕФ за социјалните и економски ефекти на ковид-19 во Северна Македонија објавен во јуни годинава. Во извештајот, кој УНИЦЕФ го работеше со невладината „Фајнанс тинк“, е забележано дека Владата спроведе повеќе мерки за борба против ковид-19 и последиците, од кои дел биле наменети за децата.

Предвидувањата во годинашниот извештај се дека должината на ковид-кризата уште понегативно ќе се одрази врз благосостојбата на децата, во споредба со ланскиот извештај на УНИЦЕФ, според кој секое трето дете во Македонија живее под прагот на релативна сиромаштија, а нови 16.000 илјади деца ќе паднат под прагот на сиромаштија.

– Се очекува ковид-19 силно да влијае врз сиромаштијата кај децата, со оглед на тоа што се предвидува релативната сиромаштија да се зголеми од 27,8 проценти на 32,4 проценти по пандемијата. Ова става дополнителни 19.000 деца во земјава под прагот на релативна сиромаштија, иако бројот може да се зголеми на 22.000 во зависност од должината и сериозноста на кризата – стои во извештајот на УНИЦЕФ.

Во земјите од Европската Унија секое четврто дете е изложено на ризик од сиромаштија и социјална исклученост, покажуваат податоците за 2020 година од Евростат (Генерален директорат на Европската комисија за статистички податоци на ЕУ), кој неодамна беше објавен.

Според овој извештај, лани 24,2% од децата помали од 18 години во земјите во Унијата биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост во споредба со 21,7% од возрасната група од 18 до 64 години и 20,4% од луѓето на возраст над 65 години.
Во очекување на Лаекенските индикатори за сиромаштија за 2020 година од Државниот завод за статистика, во јунскиот извештај на УНИЦЕФ за Македонија е забележано дека проширувањето на опфатот на домаќинствата кои може да користат гарантирана минимална помош, се покажало од најголема помош за децата бидејќи пораснал бројот на домаќинства со деца што ја искористиле оваа помош. Според извештајот, и покрај зголемениот број на корисници, оваа помош ја искористиле само 73 проценти од домаќинствата што исполнувале услови.

– Сепак, владините мерки за борба против социо-економските последици од ковид-19 беа ефективни во намалување на негативните последици од пандемијата врз детската сиромаштија. Особено олеснувањето на пристапот до гарантираната минимална помош и на два наврати еднократната финансиска поддршка придонесоа за намалување на бројот на деца што живеат во екстремна сиромаштија, односно кои живеат под 1,9 американски долар дневно изразено во паритет на куповна моќ – стои во извештајот на УНИЦЕФ.

Во извештајот е забележано дека директна финансиска помош била предвидена лани само за средношколците на возраст од 16 и 17 години, како еднократна помош. Учењето на далечина ги зголемило трошоците на училиштата, а многу од нив недостигот на средства и опрема го решавале со донации.

Според извештајот на УНИЦЕФ, голем број родители од страв да не се заразат со ковид-19, не ги носеле децата на потребните прегледи, особено оние за хронични заболувања.
Во Романија и во Бугарија децата се најмногу изложени на сиромаштија, а Словенија и Чешка се со најниска стапка на сиромаштија кај децата.

Меѓу земјите на ЕУ, во 2020 година Романија забележа највисока стапка на деца изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост – 41,5%, потоа Бугарија – 36,2%, Шпанија – 31,8% и Грција – 31,5%.

– Спротивно на тоа, Словенија – 12,1% и Чешка – 12,9% имаат најниски стапки, пред Данска 13,5% и Финска 14,5% – стои во извештајот на Евростат.

Според податоците од Евростат, во поголем ризик од сиромаштија се децата од еднородителски семејства, како и децата во семејства во кои има три или повеќе деца. Врз благосостојбата на децата во земјите од ЕУ влијае и нивото на образование на нивните родители, како и тоа дали еден од родителите има мигрантско потекло.

Фото: УНИЦЕФ



912

X