Научете како да се опуштите, земете пауза од секојдневната загриженост. Ако мислите дека сте депресивни, разговарајте со вашиот психолог и доктор веднаш. Не ги прескокнувајте средбите со докторите макар и виртуелни, категорична е психологот Јовановска Стојановска. Таа предложи две куси вежби за смирување

И покрај тоа што од десегашните истражувања и испитувања нема докази дека бремените жени се повеќе изложени на коронавирусот, ретко која трудница останува спокојна и успева успешно да изменаџира со стресот настанат од состојбата со пандемијата. Гинекологот д-р Афродита Стомнароска и психологот Мирјана Јовановска- Стојановска објаснуваат како да си помогнат трудниците во вонредна состојба. Стручните лица предлагаат и вежби за смирување.

Заштитете се

Д-р Афродита Стомнароска, гинеколог, објаснува дека е познато оти во тек на бременоста настапуваат промени во имунолошкиот систем на жената и бремените можат да бидат потешко засегнати од респираторни или други инфекции. Податоците од Светска здравствена организација – СЗО се ограничени, вели таа, но во моментот нема докази дека бремените се изложени на поголем ризик за Ковид-19 од останатата популација. Во моментов на светско и европско ниво се спроведуваат истражувања за да се разбере влијанието на инфекцијата врз бремените жени. До денес не е изолиран вирусот во примероци на амнионска течност и мајчино млеко.

Д-р Афродита Стомнароска / Фото: Горан Анастасовски

-Бремените жени треба да ги преземаат и да ги почитуваат истите мерки на претпазливост за избегнување на инфекција како и останатите (често миење на рацете, дезинфекција на површини,одржување на дистанца во затворен простор, избегнување на допир на очите, устата, носот…). Се разбира најдобрата превенција е ограничување на контактите и што повеќе седење дома, со почитување на препораките при извршување на неодложните прегледи гинеколог – вели д-р Стомнароска.

При појава на првите симптоми на инфекција со Ковид-19 (треска, кашлица, отежнато дишење) бремените треба да ги пријават на надлежните здравствени установи и да ги следат упатствата на локалната здравствена власт.

-Засега според информациите на СЗО кај бремени суспектни за инфекција или кај оние кај кои е изолиран вирус начинот на породувањето треба да е индивидуален и да се заснова на акушерските индикации од страна на мајката и плодот – вели докторката.

Поголема прилагодливост

Психологот и психотерапевт Јовановска- Стојановска потврдува дека навистина е тешко да се остане смирен во ваква вонредна ситуација.
– Сето она што сте го очекувале во врска со својата бременост и породувањето сега е променето. Исто така ќе биде и со вашиот постродилен период. За да можете да ги совладате овие промени потребна ви е помош од луѓето околу вас и медицинскиот персонал вашиот доктор и акушер. Битно е вашите блиски да водат грижа за своето здравје исто колку и вие. Од вас можеби оваа ситуација ќе очекува поголема прилагодливост затоа што работите можат да се променат во секој момент. Бидете свесни дека некои работи што ви требаат не можете да ги добиете – вели Мирјана.

Несоница, главоболки, губење апетит…

Како што зборува таа бременоста е време на многу промени.

– Вашето тело, вашите емоции и животот на вашето семејство се менуваат. Можеби овие промени ќе ве направат среќна, но тие може да додадат нови стресови во вашиот живот. Вашите хормони се менуваат, што може да предизвика вашето расположение да се промени. Променливите во расположението можат да го отежнат справувањето со стресот. Чувството на стрес е вообичаено за време на бременоста. Но, премногу стресот може негативно да влијае на вас. Стресот може да ви донесе да имате проблеми со спиењето, да имате главоболки, да го изгубите апетитот или да се прејадувате. Вашиот организам има свои системи како се справи со стресовите. Но високи нивоа на стрес кои долго траат може да предизвикаат здравствени проблеми, како висок крвен притисок и срцеви заболувања. Кога сте бремени, овој вид стрес може да ги зголеми шансите да имате предвремено бебе (родено пред 37 недела од бременоста) или бебе со мала тежина. Бебињата родени прерано или со мала тежина се изложени на зголемен ризик за здравствени проблеми – објаснува психологот.

Стресот го напаѓа имунитетот

Повеќето жени кои имаат високо ниво на стрес за време на бременоста, можат да имаат здрави бебиња. Но, бидете внимателни сериозен или долготраен стрес може да влијае на вашиот имунолошки систем, кој ве штити од инфекција.
-Ова може да ги зголеми шансите за инфекција на матката. Овој вид на инфекција може да предизвика предвремено раѓање. Затоа треба веднаш да најдете техники како да се справувате со стресот. Штетни техники за справување со стресот се пушење, земање на лекови, користење на алкохол, нејадење или прејадување – потенцира Јовановска- Стојановска.

Мирјана Јовановска-Стојановска

Некои студии покажуваат дека високото ниво на стрес во бременоста може да предизвика одредени проблеми во текот на детството, детето да има проблем со вниманието или да се плаши.

– Затоа не дозволувајте стресот заради настаната ситуација да влијае порасне и да ве повреди вас и вашето бебе. Преземете ги сите мерки да останете здрави и искористете ги своите адаптабилни механизми да се прилагодите на новонастанатава ситуација.

Не правете активности што не ви се препорачуваат и што знаете дека се опасни за вас – советува психологот Јовановска Стојановска.

Читајте, гледајте филм, вежбајте…

На прашањето како трудниците да се справат со оваа состојба и стресот, Мирјана вели дека најкорисно е рационалното планирање на вашиот живот.

– Вие сте пред голем и тежок предизвик. Заради моменталната изолација вашиот партнер ќе ви биде најголемата подршка. Разговарајте со него за тоа што ви треба и какао може да ви помогне. Направете заеднички планови за функционирање. Направете си онлајн мрежа за подршка и добивање на информации и совети во врска со вашата бременост. Побарајте помош од луѓе на кои им верувате. Прифатете помош кога ќе понудат. Посветете време за себе (сетете се што се сте посакувале да направите а не сте имале време). Обидете се со активности за релаксација, како пренатална јога или медитација. Вежбајте умерено. Направете план за исхрана лесна нискокалорична богата со витамини. Спијте доволно. Читајте книги/гледајте филмови кои ве прават добро да се осеќате. Максимално заштитете се – побарајте помош од оние што ги знате во врска со набавките на храна и лекови. Не ги читајте постојано извештаите од светот за случувањата. Тие ќе направат да ве обземе беспомошност и очај. Изнајдете начини и методи како да ја контролирате вашата вонемиреност. Преземете си ја одговорноста за своите чувства. Вие можете да управувате со вашиот емоционален живот – советува психологот.

Лековите последно решение

Таа додава дека лекарставата се последна можност.
– Она што е недобро со лекраствата е што спречуваат човекот кој ги прима да изгради механизми за справување со проблеми, па дури и ги намалуваат оние способности кои дотогаш личност ги изградила. Учете како да се справите со проблемите на животот и како да управувате со својата вознемиреност. Најдете онлајн совети за породување за да знаете што да очекувате за време на бременоста и кога ќе пристигне вашето бебе. Вежбајте ги техниките за дишење и релаксација што ги препорачуваат за бременост. Комората на психолози објави список на достапни психолози кои пружаат прва психолошка помош и психо-социјална подршка. Јавете се и разговарајте. Научете како да се опуштите, земете пауза од секојдневната загриженост. Ако мислите дека сте депресивни, разговарајте со вашиот психолог и доктор веднаш. Жените што се продиле се и така во социјална изолација. Оваа ситуација ќе ја влоши состојбата. Оваа ранлива популација ќе стане поранлива. Бидете досадни, барајте помош од своите доктори, гинеколози, матичен лекар, акушерки, роднини. Клучно е да се грижите за вашето здравје. Не ги прескокнувајте средбите со докторот макар и виртуелни – категорична е Јовановска- Стојановска.

Вежби за смирување

Психологот Мирјана Јовановска- Стојановска предлага две вежби за во домашна атмосфера за бремените жени.

Вежба 1: Времетраење 30 секунди

Седнете земете длабоко водух и издишете најмногу што можете, два пати. Погледнете околу себе, одберте еден предмет и погледнете ги и најмалите детали. Пробајте да го забележите само она што очите го гледаат без да му додавата свое мислење, епитети, метафори, проценки и судење. Работите околу вас се такви какви што се. Не се стари, не се млади, не се убави, не се кич. Такви се какви што се. Не ги проценувајте. Тоа е само ваше мислење. Видете ги такви какви што се.
Забележете како се чувсутвате после вежбата. Ако успеавте 30 секунди да бидете во контакт во сега и овде со предметот можете да го продолжите времето и да изберете уште еден предмет.

Вежба 2. Времетраење 30 секунди

Седнете затворете ги очите земете длабоко воздух издишете длабоко, два пати. Допрете ја површината на која што седите, или вашата облека. Обидете се да ги осетите најситните нерамнини, текстурата, да почувстувате каква е температурата. Детално истражете ја материјата.



912

X