Бремените жени со прееклампсија имаат четирипати поголема веројатност да доживеат срцев удар и мозочен удар во средна возраст, покажа едно истражување. Состојбата што предизвикува висок крвен притисок во бременоста може да го зголеми ризикот од фатални мозочни удари седум години по породувањето, според истражувачите во Данска, кои прегледале здравствени досиеја на повеќе од милион бремени жени во земјата помеѓу 1978 и 2017 година.
Севкупно, жените со прееклампсија имале четирипати поголема веројатност да доживеат срцев удар и трипати поголема веројатност да доживеат мозочен удар во рок од 10 години по породувањето отколку оние без прееклампсија. Истражувачите откриле дека ризикот од срцев или мозочен удар е сè уште двојно поголем кај група жени со прееклампсија по 20 години од породувањето во споредба со жените што ја немале оваа состојба.

– Високиот ризик од кардиоваскуларни болести по прееклампсија е евидентен на рана возраст и рано по породувањето. Ова сугерира дека интервенциите за спречување срцев удар и мозочен удар кај погодените жени не можат да чекаат до средната возраст, кога ќе станат подобни за конвенционални програми за кардиоваскуларен скрининг – вели д-р Сара Халум од Универзитетот во Копенхаген.
Прееклампсијата обично вклучува висок крвен притисок и протеини во урината. Во повеќето случаи е блага, но може да доведе до сериозни компликации за мајката и за детето доколку не се лекува навреме. Симптомите вклучуваат силна главоболка, стомачна болка и гадење.
Иако е позната врската помеѓу прееклампсијата и кардиоваскуларните болести, ова е прва студија која испитува колку брзо по бременоста може да се појават срцеви и мозочни удари. Експертите повикуваат на редовни проверки на крвниот притисок кај жените постари од 35 години на кои им била дијагностицирана прееклампсија за време на бременоста.