Иако бременоста е различно искуство за секоја жена и често носи физички и психички предизвици, една мајка од Орегон го поминува своето време освојувајќи медали во базенот.
Американската асоцијација за мастер-пливање објави приказна за пливачката Илса Фајерабенд од Орегон, која освои три медали на натпревар. Сето тоа во 35. недела од својата втора бременост.
Илса освои прво место на 800 метри слободно, а потоа ја потврди формата со уште две одлични трки: второ место на 200 метри грбно и второ место на 200 метри слободно. Импресивно достигнување за жена која беше буквално на две недели од терминот!
За Илса, пливањето и бременоста не се непозната комбинација. За време на својата прва бременост таа дури одработила тренинг утрото, а потоа влегла во породилна сала.
Во текот на оваа бременост таа продолжила со натпреварувања на отворени води. Поради ваквиот интензивен распоред, нејзината победа на 800 метри ја опишала како „доволно лесна“ во споредба со другите предизвици.
Уште повпечатливо е тоа што Илса имала пауза од цели седум години по факултетот пред повторно да му се врати на пливањето.
Нов начин на размислување
На својот инстаграм-профил, Илса зборува за искуството да се натпреварува додека е бремена и мајка на мало дете.
Таа објаснува дека за време на првата бременост избегнувала трки затоа што „ја мразела“ идејата да плива бавно. Но, во втората бременост имала сосема поинаков пристап.
– Појави се, забавувај се, биди љубопитна! – вели таа, нагласувајќи дека човечкото тело е навистина неверојатно.
Таа открива дека за трките позајмила костим за пливање кој бил четири броја поголем од нејзината вообичаена големина и користела старт со туркање наместо скок од блок за да избегне ризик.
– Не сакав да ризикувам со скок во вода – вели таа.
Дури и во 32. недела од бременоста, Илса успеала да победи во 10 км трка и 1.500 м пливање во отворени води.
Иако нејзините резултати се навистина впечатливи, многу коментатори беа особено воодушевени што успеала да облече професионален костим за пливање познат по тоа што е тесен и тешко се облекува дури и кога не сте бремени.