Секое дете во семејството носи љубов и радост, но и предизвици. Кога едното дете има попреченост, семејната динамика се менува. Родителите често се грижат како тоа ќе влијае врз другите деца: дали ќе се чувствуваат запоставени, дали ќе се развие љубомора или, пак, ќе се создаде посебна врска полна со емпатија. Браќата и сестрите често имаат уникатно искуство – повеќе емпатија, но и повеќе предизвици. Родителите треба да ги поддржат правилно своите деца, со разговор за попреченоста на братчето/сестричето на начин соодветен на возраста, со простор да прашуваат и да ги изразат своите чувства. Потребно ќе биде време само за нив, макар и 15 минути мали ритуали. Секогаш вклучувајте ги, но без преголем товар, дајте им можност да бидат дел од негата или играта, но без да наметнувате одговорност.
Секогаш интересирајте се за нивната индивидуалност, нивните интереси и пофалете ги, славете ги исто колку и на другото дете. Браќата и сестрите на децата со посебни потреби се соочуваат со чувство на запоставеност – мислат дека родителите имаат помалку време за нив. Зголемена одговорност – често им се даваат дополнителни задачи. Емоции што не ги изразуваат – љубов, но и љубомора, срам или грижа. И поголема зрелост – многу деца растат со повисоко чувство за одговорност и сочувство.
Ако братот/сестрата е постар/а
•Често чувствува дека треба да биде „втор родител“.
•Може да преземе повеќе одговорности отколку што му доликува на неговата возраст.
•Знае да биде заштитнички настроен кон помалиот брат/сестра со попреченост.
•Понекогаш се чувствува виновен за сѐ, доколку погреши или доколку нешто направи несовршено.
Поддршка од родителите: нагласете дека тој/таа останува дете, со право на игра, грешки и сопствен живот. Не оптоварувајте го со улога на возрасен.
Ако братот/сестрата е помал/а
•Може да расте со чувство дека целото внимание е на постариот брат/сестра со попреченост.
•Понекогаш чувствува љубомора или мисли дека не е доволно важен.
•Може да има потреба од дополнителни објаснувања за попреченоста – на ниво разбирливо за неговата возраст.
•Често гледа пример на трпение и емпатија, па и самото дете станува посоработливо.
Поддршка од родителите: дајте му доволно време еден на еден, охрабрете го во неговите таленти и интереси за да не се чувствува „во сенка“.
Како да се зајакне односот меѓу браќата и сестрите?
•Заедничка игра со активности што им одговараат на двете деца.
•Мали тимски задачи – да се чувствуваат како тим, а не како противници.
•Пофалби за соработка – кога ќе си помогнат еден на друг, нагласете го тоа.
•Семејни ритуали – филмско попладне, прошетки, игри на маса – за сите заедно.
Да се расте со брат или сестра со попреченост е искуство полно со предизвици, но и со голема можност за развивање сочувство, љубов и зрелост. Родителите можат да ја создадат рамнотежата – да го поддржат детето со попреченост, но и да не ги заборават емоциите и потребите на неговите браќа и сестри.
Со трпение, отворени разговори и заеднички активности, тие односи може да прераснат во најцврсти врски кои ќе траат цел живот.

Улогата на пошироката средина
Браќата и сестрите не живеат само во рамките на своето семејство – тие имаат баби и дедовци, роднини, другарчиња, наставници. Секое дете треба да чувствува дека е разбрано и поддржано и надвор од домот.
•Баби и дедовци – да посветат внимание и на внукот/внуката што нема попреченост, за да не се јави чувство на запоставеност.
•Другарчиња и соученици – некогаш поставуваат непријатни прашања. На децата треба да им се дадат едноставни одговори и зборови што можат да ги користат кога ќе објаснуваат за своето семејство.
•Наставници и воспитувачи – да препознаат ако детето е повлечено, оптоварено или се чувствува „различно“ поради семејната ситуација, и да му дадат простор за изразување.
Кога пошироката средина ќе покаже разбирање, браќата и сестрите се чувствуваат сигурни и горди наместо збунети или осамени.
Многу браќа и сестри растат со прашањата: „Кој ќе се грижи за моето братче/сестричка кога ќе пораснеме?“ или „Дали јас ќе имам повеќе одговорности?“ Тие мисли можат да предизвикаат страв, несигурност или прерано чувство на обврска.
•Родителите треба отворено и искрено да разговараат за иднината, но на начин соодветен на возраста на детето.
•Да се потенцира дека секое дете има право на сопствени избори, желби и живот, а одговорноста за детето со попреченост не паѓа само на нивните браќа или сестри.
•Позитивно е да се вклучат во планови и активности (како поддршка, дружење, заеднички обврски), но без чувство на „тежина“.
•Многу помага кога родителите ќе нагласат: „Ние како родители сме тука, а твојата улога е да бидеш брат/сестра и другар.“
Да си брат или сестра на детенце со посебни потреби можеби некогаш да изгледа како тешка улога, но е многу благодарна и херојска. Замислите само колку љубов ќе добиете од вашето братче или сестриче кое во вас гледа херој, свој бранител, најголем пријател и пред сѐ некој кој секогаш може да го повика и да му помогне. Потсетете се на тоа. Љубов.