Брачниот терапевт Корин Волер од Минесота открила на што најмногу се жалат жените кога зборуваат за брачните проблеми. Во видеото објавено на „Тик-ток“ таа објаснила дека жените постојано се жалат дека мора да им кажуваат на своите сопрузи што да прават кога станува збор за поделбата на домашните обврски.
„Тоа предизвикува напнатост во односите. Жените сакаат мажите да преземат активна одговорност, односно да погледнат низ дома и да сфатат што би можеле да направат наместо да бидат пасивно одговорни, што значи дека се достапни за помош, но чекаат некој да им каже што да прават“, изјавила Волер и ги прашала корисниците на популарната социјална мрежа која опција ја избираат кога се работи за домашни работи и грижа за децата.
„Жените навистина бараат партнер кој е активно одговорен за куќата и децата. Тие не сакаат да мора да му кажуваат што да прави“, додала таа.
Нејзиното видео е прегледано 1,5 милион пати, а илјадници жени ги споделиле своите искуства.

„Не можам ни да му го испратам ова видео на мојот сопруг бидејќи тој ќе каже дека сум пасивно-агресивна, но тоа е навистина проблем и во нашиот брак“, коментирала една корисничка. „Да. По 26 години брак, сфатив дека ми е подобро сама. Сега тој треба да смисли како да се грижи за себе. Не ми недостига“, рекла друга, која е разведена.
„Јас имам активна одговорност за целото постоење на моето семејство и затоа го губам умот“, рекла трета.
„Тоа е ужасно исцрпувачки. Мило ми е што не сум единствената што се занимава со ова“, стои во коментарите.