Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин" - Свети Николе и Битола

Повеќе од авторот

Детето не смее да се лаже, секогаш треба да му се даде точен одговор

Бракот претставува непрекината битка за остварување блискост, тој опфаќа систем на обврски, систем на комуникација, љубов, внимание, грижа, тоа е еден вид институција во која мора да постои компромис при решавањето на конфликтите. Добар брак е можен само доколку и двајцата партнери го познаваат семејството на другиот.

Формирањето на бракот поминува низ неколку стадиуми:
– Формирање на бракот – спојување
– Проширување – почеток на родителство
– Скратување – евентуална сепарација
– Можност за прекин на бракот.

Секој брак се соочува со одредени конфликти, па потребно е брачните партнери да изнајдат решение за конфликтот и да го решат на конструктивен начин доколку сакаат тој конфликт да не остави негативни последици врз нивниот брак и семејството во целина.

Доколку брачните партнери не можат да изнајдат компромис во решавањето на конфликтот, доаѓа до брачен конфликт. Брачниот конфликт се јавува доколку настане тензија во брачната дијада. Може да се разгледува од аспект на самофокусирање, кој се однесува на увид во сопствената улога и сопствен придонес за брачниот конфликт и од аспект на степенот на проекција која се однесува на вината и одговорноста на другиот партнер.

Брачниот конфликт, доколку не се реши и се продлабочи, завршува со сепарација или развод. Одлуката за развод е секогаш крупна одлука и бара сериозна реорганизација на системот и личното живеење. Разводот е честа причина за регрес, враќање кај сопствените родители, често значи и пад на стандардот на живеење. Според истражувањата, глобално секој трет брак завршува со развод. Во САД дури 50% од децата се на разведени родители, во 60% при покренат развод еден од партнерите е во дилема, а само 25% обострано се согласни за развод.
Мажите изјавуваат дека се под стрес во текот на разводот, а жените имаат стрес по разводот.

Најголем ризик од разводот носат децата што во моментот на разводот живеат во семејства кои се во рана училишна возраст. Децата многу тешко го доживуваат разводот на родителите бидејќи разведениот родител често е поле за конфликти и разочарување, како и фантазматски претпоставки. Децата најчесто се движат помеѓу двата екстрема:
– Едните се совршени, внимателни, тивки, пред сè, бидејќи се исплашени и доживуваат екстремни стравови.
– Другите се агресивни, лути, немирни.

Во текот на разводот при давање совети и препораки треба да се заштитат правата на децата. Родителите, окупирани со својот конфликт, забораваат на децата и на нивните потреби. Од тие причини потребно е секој родител поединечно да научи како да не ги инволвира децата во својот конфликт и како да им ја објасни деструктивната семејна атмосфера, за таа атмосфера да не остави негативни последици врз развојот на децата и нивното формирање на сликата за себе.

Како родителот да му го објасни разводот на детето, а притоа да не остави последици врз неговата личност

Децата никогаш не сакаат родителите да им се разведат и секогаш разделбата ги прави тажни и повредени. Многу е важно да не се крие вистината, да не се потценува ситуацијата со цел привремено да се заштитат чувствата на децата. Притоа треба да се знае дека децата не размислуваат како возрасните, процесот на тага кај нив е многу поразличен одошто кај возрасните. Децата размислуваат и чувствуваат многу длабоко, но на поразличен начин од возрасните, а своите чувства ги искажуваат преку однесувањето и физичките симптоми.

Многу е важно детето да има доволно време да го прифати фактот на разделба на родителите. На детето не треба да му се соопшти дека неговиот свет ќе се распадне, а притоа да не му се даде доволно време и простор да се навикне на таа драстична информација. Најпогоден момент да му се соопшти таа информација на детето е кога нема да има обврски во наредните неколку дена, со цел да може да постави прашања, да го разјасни она што го збунува, да се исплаче, а двајцата родители треба да бидат присутни и да разговараат со него.

Родителите треба сериозно да ја сфатат својата родителска одговорност, да ги тргнат настрана своите чувства и да разговараат со децата смирено и рационално. Само на таков начин детето помалку ќе се плаши и ќе биде спремно за иднината. Најдобро е родителите да му признаат на детето дека се одделиле еден од друг, но дека и понатаму го сакаат исто како и секогаш и дека секогаш за него ќе бидат негови родители. Детето ќе се чувствува безбедно доколку и двајцата родители се тука да му ги соопштат плановите за иднина.

Најдобар начин да му се соопшти на детето нешто што не сака да го слушне е да му се каже најискрено и наједноставно. На некои прашања не може да им се одговори и децата ќе мора да се задоволат со фактот дека родителите даваат сè од себе за да ги средат работите и дека ќе им дадат одговор тогаш кога ќе го имаат. На детето мора да му се каже каде живее другиот родител, кога и колку често ќе го гледа и како ќе ги одржува врските со него.

Децата ќе имаат многу различни чувства и многу различни моменти и никогаш нема да разберат сè одеднаш. Кога се во шок, децата не се во состојба да слушнат сè што ќе им се каже. Така во почетокот ќе примат само мал дел од информациите, а ќе ги отфрлат оние информации што им се премногу болни за да ги прифатат. Во секоја развојна фаза детето ќе има потреба повторно да го анализира она што се случува и повторно да го интерпретира едно од најважните случувања во животот.  Како расте, така на различен начин ги разбира работите, па родителот треба внимателно да ги слуша неговите прашања и искрено да одговори на нив во согласност со неговата возраст.

Родителите треба да бидат емотивно достапни за децата. Децата треба да знаат дека може да сметаат на родителите во кое било време кога се во неволја. Детето интуитивно знае кога нема кој да му одговори на прашањето, па тогаш може да се повлече и така чувствата да останат скриени во него.

Секое дете еднакво ги сака и мајката и таткото, па доколку родителите во процесот на разводот зборуваат лошо еден за друг, детето ќе биде збунето. Важно е родителот да го задржи тонот со кој му соопштува на детето дека е сакано и секогаш ќе биде сакано. Доколку на детето му се даде можност да има ментална претстава за добар родител, повеќе ќе се сака себеси и ќе има позитивна слика за себе. Доколку родителите зборуваат добро еден за друг, на детето ќе му дадат најубав подарок и можност да воспостават топол однос и со мајката и со таткото.

Детето најдобро ќе функционира доколку емотивно и психички е поврзано со двата дома, така ќе смета дека има два дома во кои е добредојдено и среќно. Важно е секој родител да му даде на детето слобода и да го охрабри другиот дом да го чувствува како свој, па дури и да го натера детето да верува дека тоа што има два дома е предност во разводот.

Како растат и се развиваат децата, така почнуваат и да се осамостојуваат. Децата од разведени родители многу често запаѓаат во уште една замка. Како што растат, децата ќе сакаат да бидат како и сите други деца, да се дружат, повеќе да бидат надвор отколку дома, а со тоа и времето што треба да го поминат со родителот ќе биде скратено. Доколку родителот љубоморно го чува времето што ќе го помине со своето дете и инсистира на тоа, ќе го оттурне од себе или ќе го спречи да има независен живот, кој му е потребен. Но паметните родители ќе ги премолчат своите потреби и ќе му дадат на детето поддршка и слобода која ја заслужува за да зачекори во својот живот.

Што  треба да избегнува родителот

Доколку родителите сакаат да имаат добар развод, а притоа да не ги повредат децата, треба да внимаваат да не се расправаат пред нив. Кога децата ќе видат и ќе го слушнат тоа што не треба, може да имаат големи последици, може да не сакаат да одат на училиште и да чувствуваат дека треба да останат дома да се грижат за тажниот родител. А што е најлошо, тие во тој случај ќе имаат чувство дека ќе треба да одлучат на чија страна да бидат и дека ќе треба да престанат да го сакаат едниот родител.

Разводот и разделбата често доведуваат до голем емотивен набој. Важно е силните негативни емоции што ги имаат партнерите еден за друг да не се искажат пред детето и тоа да не биде изложено на различни манипулации. Детето ќе биде збунето доколку слуша лоши зборови за кој било родител зашто нема да знае кого да сака и кому да му верува. Доколку родителот не може да зборува позитивно за другиот родител, пожелно е воопшто да не зборува за него.

Негативните чувства често ги надминуваат границите на здравиот разум, па поради своите негативни емоции, родители забораваат на потребите на детето. Детето мора да живее во светот кој ќе му го создадат возрасните и подобро е кога тој свет е мирен и добро структуриран. Децата не сакаат да видат како им се расправаат родителите, се чувствуваат беспомошно кога емоциите ќе излезат од контрола. Доколку детето е луто и повредено, можеби нема да сака да има врска со родителот од кој е одделено и ќе му бидат потребни поддршка и разбирање за повторно да го воспостави добриот однос.

Не користете го детето како гласник

Една од најштетните и најнепрактични постапки што може да ги направи родителот е да го користи детето како гласник. Детето најчесто му го кажува на родителот она што тој сака да го слушне и нема да биде објективно. Ваквото однесување кај детето ќе доведе до многу негативни емоции кои ќе му остават последици – ќе стане беспомошно, изолирано, нема да може да го искаже тоа што го чувствува, ќе чувствува неправда, лутина.

На детето не треба да му се дозволи да има преголема моќ, родителот треба да го задржи својот авторитет. За да се спречи детето да присвои моќ, што доведува до лошо однесување, потребно е родителите да се договорат за правилата и ограничувањата, притоа треба секој родител поединечно да му се спротивстави на детето и да му покаже дека родителот сè уште има моќ. Должност на родителот е да биде доследен, праведен и одговорен.

Детето не треба да се оптоварува со непримарни информации. Сè што треба да знае е дека ќе има дом и ќе има кој да се грижи за финансиите. Премногу непотребни информации може само да го збунат.

Детето не смее да се лаже, секогаш треба да му се даде точен одговор. Децата се главно многу интуитивни и поставуваат многу тешки прашања за кои не постојат едноставни одговори. На таквите прашања најдобро е да им се одговори искрено, а сосема е во ред и да се побара малку време пред да се даде одговорот. Многу родители ги лажат децата со цел да ги заштитат од тага, но многу е подобро да им се каже вистината на начин што одговара на нивната возраст отколку да им се дозволи да живеат во замислен свет кој ја исклучува стварноста и ги оневозможува да го водат својот живот.

Од сето ова произлегува дека проблемот кај децата не настанува поради разводот на родителите, туку поради начинот на кој се одвива целиот тој систем. Доколку родителите се во состојба да ги следат упатствата за добар развод и одговорно се грижат за децата, во тој случај штетата ќе биде минимална. Ако сите возрасни сфатат колку патат децата, колку е важно да се чувствуваат безбедно и колку е важно да разговараат со нив, тогаш сите ќе може да помогнат и ќе го подобрат животот на детето, а со тоа и ќе овозможат детето да развие една позитивна слика за себе.



912

X