Нивниот мотив за претерување се крие во тврдењето: „Тие ни го чуваат најскапоценото нешто што го имаме – нашите деца“

„Боже, спаси ме од вајбер-групата од градинка. Амин!“ – напишала една мајка на „Твитер“, која веќе со години се згрозува од идеите на мајките на другарите на нејзиното дете и потсетува на некои подобри времиња кога не се претерувало.
„Ние на нашата учителка за 8 Март ѝ купувавме роза и кристална чинија во облик на пеперутка. Парите сами ги собиравме, од парите за ужина, родителите не ни знаеја. Какви црни ваучери….“

А бидејќи на „Твитер“ секој има истомисленици, не чуди што нејзиниот твит поттикна многу други жени да ја поддржат и да ги споделат своите искуства.
Една мајка пишува: „Се купуваше тоалетна вода 310, па дезодоранс, па од оној зелен кармин што е црвен кога ќе го намачкаш… Поентата е дека ние како деца тоа го правевме без влијание на родителите, а овие денес во вајбер-група веќе 3 недели се расправаат. Мислам на родителите. Некој спомена дека ќе ѝ ја платат струјата на учителката“.
Помалку практичност покажуваат мајките кои главно гласаат за ваучери. Еве како изгледа тоа.

Мајка 1: Ајде да им купиме на воспитувачките ваучери од Делта стил.
Мајка 2: Но таму нема многу добри брендови…
Мајка 3: А, што можат да купат за тие пари…
Мајка 4 иронично предлага на воспитувачките да им се купи целиот трговски центар, па да си го поделат.
Никој не гласаше за нејзиниот предлог.

Веројатно, како мајките од една друга вајбер-група, ќе инсистираат секое дете да донесе по 300 денари и на воспитувачката да ѝ се купи ваучер од дуќан што таа ќе го избере.


Нивниот мотив за претерување се крие во тврдењето: „Тие ни го чуваат најскапоценото нешто што го имаме – нашите деца“, а во заднина има уште нешто, главно додворување на учителките и воспитувачките.

– Тоа се оние мајки што иницираат собирање неразумно големи суми, се нудат да одат да го одберат подарокот и кои, покрај сè, на 8 Март им испраќаат на учителките и воспитувачките дополнителен, личен, најчесто скап подарок. Сето тоа го прават очекувајќи привилегии за своето дете, без разлика дали се работи за посебен третман во градинка или за подарување оценки и други погодности во училиште – вели Светлана С. од Белград.

Со години, таа и уште неколку трезвени мајки се обидуваат да им објаснат на другите дека подароците, и тоа симболични, треба да ги одбираат децата зашто така ќе научат да бидат самостојни и организирани.
– Навредливо е да им се купуваат на воспитувачките и учителките кожени чанти, ремени, брендирани паричници, скапи парфеми и ваучери. Мајките го изгубија компасот, а набрзо целата работа ќе излезе од контрола зашто за некоја година и оние што ги добиваат подароците со право ќе почнат да очекуваат повеќе – истакнува Светлана и гордо додава дека се изборила оваа година децата да ѝ купат книга на учителката.

Дали поентата е во вниманието или во цената на подарокот?



912

X