Оставете ги стереотипите, оставете ја техниката, оставете ја понекогаш работата, оставете ги грижите и играјте со децата, гушкајте се со нив, пофалете ги и кога грешат, бакнувајте ги, читајте им…
Сакав лично да ја запознаам Биби и затоа прифатив да работам со дечињата во едукативниот центар, се шегува Борјанка Мароски. Таа е едукатор во „Бибиверзум“, има 17-годишно работно искуство и богата биографија. Работела на првиот проект за инклузија при УНИЦЕФ во Македонија, во редовни основни и во посебни училишта, а била ангажирана и во градинки, едукативни центри…
– Сакав да се вклучам во тимот зашто сакам да сум дел од еден добро организиран, креативен тим, кој точно знае кон што цели, кој е револуција во денешницава, знае кои се неговите приоритети и го издига детето на врвот од пиедесталот. Па, нели, во нашите деца е иднината! Тогаш редно е да вложуваме во нив, а токму тимот на „Бибиверзум“ го прави тоа – вложува во иднината на нашите деца! – вели Борјанка.
Таа вели дека често знае да се запраша дали тоа што го прави дома со своите деца или, пак, на работа со децата со кои е во контакт е доволно и дали е исправно.
– Но нивната насмевка, среќа и добриот резултат најчесто се одговор на сите мои дилеми.
Тогаш сум охрабрена и сигурна во себе и својата работа и продолжувам понатаму – користењето мултидисциплинарен пристап, заедничко решавање на предизвиците, дружењето, имитацијата, учење по пат на увидување, учење со обиди и грешки, односно учење преку играње секогаш вродува со плод! – објаснува нашата соговорничка.
На родителите им го препорачува она што и себеси си го повторува секојдневно.
– Едуцирајте се, нема ништо страшно во тоа бидејќи токму децата учат од нас, родителите!
Оставете ги стереотипите, оставете ја техниката, оставете ја понекогаш работата, оставете ги вашите грижи и играјте со децата, гушкајте се со децата, пофалете ги и кога грешат, бакнувајте ги, читајте им…
Родители, бидете деца, не мора секогаш, но барем понекогаш!
Наставата ќе почне на 9 март и ќе трае 3 месеци.
Фото: Борче Поповски
912