Која е психолошката причина за оваа појава, односно за ова масовно однесување на родителите и како тоа влијае врз децата?

„Проодевме, но сè уште цицаме и какаме во пелени. Ни порасна првото запче!
Болни сме и затоа оваа недела нема да одиме во градинка.“

Голем е бројот на родители што на овој начин, во секојдневниот говор или на социјалните мрежи, во множина раскажуваат за сè што се однесува или случува со нивното дете.

Воедно, многумина од родителите воопшто не забележуваат дека зборуваат во множина за потребите и однесувањата на нивните деца.

Која е психолошката причина за оваа појава, односно за ова масовно однесување на родителите и како тоа влијае врз децата?

М-р Билјана Стојановска, лиценциран психолог, вели дека оваа состојба настанува поради
т.н. емоционална фузија или конфлуенција, односно кога се изедначуваат потребите на родителот и потребите на детето. Па затоа некогаш љубовта, грижата и приврзувањето со детето резултираат со ваков говор кај родителите.

– До втората година детето има поголема зависност од родителот и донекаде е во ред да се појави ваков говор кај родителот, бидејќи секако најголем дел од енергијата се насочува на задоволување на потребите на детето. Тоа што треба да се има на ум е дека потоа на децата треба да им се овозможи автономија. Или, ако го сакате вистински детето, дозволете му да порасне! -вели таа.

Родителите несвесно се ставаат во „чевлите на своето дете“

Психологот Јасмина Јонуз смета дека една од причините за зборувањето во множина за активностите на детето е што со тоа родителите несвесно покажуваат емпатија, се ставаат во „чевлите на своето дете“ и заедно со него ги доживуваат сите промени.

– Зборувањето во множина може да значи добра кохезија во семејството и единство наместо центрираност кон себе. Постои можност и обраќањето во множина да е поделување на одговорноста или одбегнување, но секако не би требало да се генерализира и секогаш при анализата на однесувањето на една единка треба да се земат многу фактори вклучувајќи ги искуството и средината во која таа растела – заклучува Јонуз.

Дајте му автономија на детето, дозволете му да порасне

Според психологот Стојановска, по навршувањето на втората година и подоцна на детето треба да му се даде автономија.

– Ако вистински го сакате детето, дозволете му да порасне – порачува Стојановска.
Сепак, ако ваквиот говор се јавува и кај родители со поголеми деца, еден од ризиците е емоционалното прегорување кај родителот.

Кај возрасната личност претставува проблем границата помеѓу јас и околината и изедначување на „јас“ и „ние“ – смета таа.
Психологот вели дека дополнително, ако тоа е придружено со анксиозност која е присутна кај родителот кога оди на работа или го остава детето со некој друг да го чува, би го дала следниот совет, на пример, за мајките:

– Ти не си само мајка, ти си и сопруга, вработена, ќерка, сестра, внука, но пред сѐ, ти си жена. Истото важи и за татковците. А за двајцата е добро да се потсетат дека вие не сте само родители, вие сте и партнери, а исто така и личности, индивидуи – заклучува Стојановска.



912

X