Обожавам детски цртежи. И уживам да ги набљудувам децата додека цртаат и да го гледам она што го цртаат. Цртежот е еден вид огледало на детскиот развој. Цртежот е одраз на детското доживување и сфаќање. Цртежот им помага на возрасните во разбирањето на детето. Многу честа појава се боенките. Според мене, тие се еден несоодветен поттик за детето. Го забавуваат детскиот развој, не дозволуваат спонтаност, не поттикнуваат креативност, го ставаат детето во рамка. И уште еден проблем што го уочив, а е поврзан со цртеж – тоа се возрасните кои ги учат децата да цртаат. Тоа за жал го има сѐ повеќе и затоа одлучив да пишувам за тоа. И да приложам неколку од цртежите на децата за да ви ги разјаснам важноста и разбирањето на цртежот.

Децата почнуваат да цртаат спонтано

Кога детето ќе почне да црта, тоа црта спонтано. Прво тоа се некои шари, но не се обични. Кога ќе го прашате детето, тоа точно знае да ви каже која шара што претставува. Се случува детето да нацрта едно око бидејќи не го интересираат бројот и изгледот, туку функцијата. И затоа е важно да се почитува неговиот цртеж и неговото изразување. Во тие моменти често се поправаат децата. „Колку очи ти имаш?“ Детето многу добро знае колку очи има, но нему во моментот му се важни функционалноста и способноста. И токму тоа е една од задачите на ликовната уметност, преку развојот на визуелна, просторна интелигенција, моторни способности и имагинација. И тогаш детето ќе добие боенка! Се прашувам зошто? Што има корисно во боенките? Одговорите што ги добив се: „Бидејќи така вежба графомоторика. Ја контролира работата со рацете. На децата им се убави и ги сакаат“.

Боенките се убави

Тоа е реченицата што најчесто ја слушам како објаснување зошто на децата им се даваат боенки. Убаво е релативен поим. Она што вам ви е убаво, не треба да им биде и на другите. На повеќето деца им е убаво она што му е и на родителот убаво, бидејќи тоа од родителот го учи моделот на однесување. Она што е важно за детето е процесот на учење, создавање, изразување. Со самиот процес доаѓа и резултатот. И тоа е делот што треба да се пофали. Пофалете ги трудот, креативноста, упорноста. „Убава боенка. Убаво си боел. Ти можеш да го обоиш тоа уште поубаво“. Каква порака добива детето со овие реченици? Сакате ли детето да научи дека е важен естетскиот дел? Или сметате дека е поважен процесот на развој и учење?

Децата сакаат боенки

Децата одат по линија на помал отпор и секогаш ќе се обидуваат линијата да биде уште потенка. Тоа е природно и нормално. Испитувањето на границите во одгледувањето оди во недоглед. Прво бараат шаблон, а потоа уште бараат „Дај ти обој ми го ова“. Сакате ли детето да научи дека сè доаѓа сервирано на чинија? Боенките се една мала работа што ги учат децата токму на тоа. Втора работа е што боенките придонесуваат за намалување на креативноста и поттикнување на шаблони. Сметам дека претшколската возраст е единствениот период кога детето може да биде она што сака: креативно, слободно, посебно, опуштено, безгрижно. И тоа треба да се развива и поттикнува. Едноставно е. Тоа не се учи, тоа детето го има природно во себе. Само е важна улогата на возрасните во давањето поттик, играчки, материјали. Повеќето играчки сѐ прават сами. Детето треба само да го притисне копчето. Што е тука креативно и поучно? Поттикнувањето за развој на имагинацијата и креативноста најчесто не треба да се купува. Природата нуди различен поттик за тоа.

Вежба на графомоториката

Секако дека детето треба да ја вежба графомоториката, која подоцна му е потребна за пишување. Цртањето е еден од начините на кои детето ги развива тие способности. Вистина е дека и боенките го поттикнуваат тој дел од развојот, но главно се забавува целокупниот развој на детето што веќе го споменавме. Децата имаат голема потреба за цртање. Обидете се да изброите колку цртежи дневно ќе нацрта детето. Или кога од градинка ќе донесе повеќе листови. Често цртаат бидејќи тоа е еден од начините за комуникација, изразување на мислите, желбите, потребите. Може ли боенката тоа да му го овозможи на детето?

„Контрола на работата со рацете“ или „да не бои преку линиите“

А зошто не смее да бои преку линиите? Зошто детето мора да остане во одредена рамка? Се разбира дека треба да се поттикнува ред и да се вежба контрола на моторните способности и координација на движењата. Она што сакам да го кажам е – оставете го детето самото да црта. Како што ќе расте и повеќе ќе црта, така и ќе се развиваат неговите моторни способности. За да се дејствува на „контролата на работата со рацете“, треба да се поттикнува развојот на крупната и фината моторика. Тоа се едни од најважните вежби за децата од претшколска возраст. Детето нема да го научите да бои до линијата и да црта според задача ако тоа самото не е подготвено и зрело, односно способно во однос на моториката.

фото извор: Лана Кихас/ Рог/ Момче, 4,6 години: детето со кружни движења ја нагласува функцијата на рогот, поточно звукот.

Кога се учат децата како да цртаат

Кога го „учиме“ детето како да црта, така што тоа го копира или гледа она што ние сме го нацртале, тогаш го збунуваме и го кочиме неговиот развој на ликовниот израз. Исто така, му го наметнуваме нашиот начин на изразување. Секое дете и секоја личност е индивидуа сама за себе и тоа треба да се почитува. Секој ќе нацрта најдобро што може. И тоа треба да се пофали бидејќи така ќе им влијаеме врз развојот на емоционалната интелигенција на децата. И мене децата ми бараат да им нацртам автомобил или некој инсект. Ги поттикнувам прво тоа да го направат сами. Најчесто одговараат: „Јас не знам. Јас не можам“. И тука е важен пристапот кон детето. Ако детето сака да нацрта, на пример, некое животно, тогаш пронајдете фотографии од тие животни во книга или на интернет.

Фотографијата нуди многу повеќе од „клип арт“ варијанта или анимиран приказ. Ако сакате да поттикнете креативност и имагинација, тогаш најчесто не треба да давате упатства. Децата се сами по себе многу креативни и имагинативни. За ликовно создавање, на детето не му е потребна интервенцијата од возрасните. Возрасните се вклучуваат во тоа преку создавање услови и богата понуда на ликовни материјали, но и преку дискретен и ненаметлив начин на укажување на можностите што ликовното создавање ги нуди.

Индивидуална работа приспособена на потребите на родителите и децата

Како што расте детето, така доаѓа и до проблеми во воспитувањето, односно преиспитување на улогите на родителството. Тоа е природно. И токму вие што го читате ова, сакам да ви кажам дека сте добар и грижлив родител бидејќи барате совет, поддршка, опција за подобрување на односот или решение за проблемите во одгледувањето на децата. Родителството не треба да биде борба и постојано поправање бидејќи родителството е природно. Тоа е процес на учење. Процес на промени и учење што трае цел живот. Родителот е најважниот модел и пример за детето. Мотивирани сте и свесни за важноста на личниот развој во улогата-родител, зарем не? Токму таков родител е квалитетен модел и пример за детето. За промена и учење потребни се волја и истрајност, а на крајот наградата доаѓа во форма на внатрешно задоволство за вас, вашето дете и семејството.

Зошто индивидуална работа?

Секоја личност е посебна индивидуа со свои потреби, можности, начин на комуницирање и однесување. Секое дете е единствено и посебно, па пристапот за воспитување и образование на детето треба да се вклопи со индивидуалните потреби, можности и интереси на детето. Индивидуалната работа се приспособува на индивидуалните потреби на родителите и децата. Работата се заснова на позитивен пристап во воспитувањето, со цел разбирање на детето и на родителите, како и напреднати родителски улоги.

Фото извор: Лана Кихас/ девојче 5,5 години: илустрација „Госпоѓа Круна и господин Круно“. На децата им се дадени главните мотиви на приказната: необично суштество, птица, патувачки облаци, круна која ги исполнува сите желби и круна која те прави невидлив. Целта е да се поттикне креативноста на детето.

Зошто работа со родителот/родителите?

Нормално е што како родител понекогаш не знаете како да реагирате во одреден момент. Да имате чувство дека вашето дете не ве разбира или вие не го разбирате него. Дека детето ве вади од такт или дека имате чувство оти ги губите конците од раце, па се прашувате дали е тоа само развојна фаза или ги преиспитувате своите постапки и улога. Токму со тоа покажувате дека сте одговорен родител кој знае кога треба да побара совет од експерт, поддршка или помош. Детето ќе успее да ги развие своите потенцијали во онаа мера колку што му е квалитетна околината во која живее. Главни и примарни носители на квалитетната околина се родителите. Квалитетната и стимулативна околина не подразбира материјална околина, туку онаа што поттикнува на личен развој и активно учење, па ги мотивира родителите да го постигнат она што го сакаат и што им треба.

Зошто работа со детето и родителите?

Теорискиот дел е лесен за учење и разбирање. Суштината е во практичниот дел и примената на теоријата. Понатаму, родителот е субјективен во однос на детето и често не ја гледа реалната слика за себе, за детето и за нивните интеракции, што е сосема природно. Емоциите се силен двигател. Во работата учествувам на објективен начин. Ситуациите, интеракциите, играта и комуникациите ги набљудувам од стручна гледна точка, па така полесно ја уочувам вистинската природа и извор на проблеми, при што давам совети, насоки и ефикасна поука и поддршка.

Таквиот начин на работа вклучува работа на личниот развој на родителите за да можат сопствените промени да им ги пренесат на детето и да ги добијат посакуваните резултати. За кај детето да се развива компетенција на правилен начин, мораме и самите да бидеме компетентни, зарем не? Често слушаме дека децата се градители на новото утре, но ние сме градители на нивното денес за успешно утре. Како тоа утре ќе изгледа, најмногу зависи од воспитувачкото влијание и образование сега, овде и денес.

Автор: Лана Кихас, едукатор, воспитувач, блогер



912

X