Фестивалот е планиран за 28 и 29 мај 2020 година
Еден лекар, еден економист и шестмина професионални уметници и музичари, водени од желбата да направат нешто уникатно, не само во Македонија туку и во целиот регион, напролет ќе го организираат првиот акустичен блуз-фестивал кај нас, а парите од влезниците на главниот настан ќе се донираат во одделот за онкологија на Клиниката за детски болести. Сите заедно го прават здружението на љубители на блуз-културата „Блуз фамилија“, во кое ги обединуваат љубовта кон музиката, желбата за промовирање на македонски блуз-артисти и хуманоста, да се помогне онаму каде што е најпотребно.
Гого, Димитар, Бојан
– Долго се познаваме, се поддржуваме, си помагаме, се грижиме еден за друг, ние сме како вистинска фамилија – вели д-р Ѓорги Паскалов-Гого, еден од најпознатите педијатри во Скопје.
Покрај него, во „Блуз фамилија“ се и економистот Бојан Темелкоски и професионалните уметници Никола Петровски, Дарко Стојоски, Димитар Даневски, Вања Штркова, Златко Андријевски и Сашо Ѓоргиевски.
– Зборот фамилија дава чувство дека некаде припаѓаш. Ние сме осум другари што се грижат еден за друг, заедно ги носиме одлуките и се поддржуваме во идеите, како фамилија – вели д-р Паскалов.
Старите и новите блуз-генерации на едно место
Двајца од нив, Никола и Сашо, веќе подолго време ѝ се познати на скопската музичка сцена како блуз-дуо In the mood. Токму од нивниот концепт на работа, според д-р Паскалов, произлезе идејата за блуз-фестивалот што ќе го организираат.
– Целта е да се обединат старите и новите блуз-генерации на едно место, да се споделат искуствата и идеите и заедно да правиме уште многу вакви проекти. Концептот на In the mood го пресликуваме на фестивалот. Сакаме да направиме нешто што досега го немало во регионов и мило ни е што идејата успева. Имаме среќа, во Македонија има голема блуз-публика – вели д-р Гого.
Хуманитарниот концепт бил предложен веднаш по идејата да се организира фестивал.
– Едногласно беше прифатен и е наша најголема мотивација – вели Паскалов.
Првпат акустичен блуз-фестивал
Од „Блуз фамилија“ велат дека досега наидуваат главно на позитивни реакции, на желба за промовирање на македонската блуз-музика, да се задржи изворната блуз-форма, да се придонесе за подигнување на културата дома и паралелно со тоа да се соберат средства да се помогне некому.
Додаваат дека очекуваат сè да испадне како што замислиле.
Дарко, Никола и Сашо
– Реално се трудиме многу, секојдневно сме во комуникација, но не очекувавме дека е потребен толку голем труд за да го направиме како што треба. Очекуваме дека ќе биде добро, вистински даваме сè од себе. Гого, Димитар и Бојан се повеќе фокусирани на организацискиот дел, а другите на креативниот и селекторскиот дел. Секој си го знае својот дел и се поддржуваме меѓу себе. Засега се привршуваат договорите со уметници од САД и од Англија. Фестивалот е планиран за 28 и 29 мај 2020 година. Планот е да настапат по две групи на вечер во пријатен интимен амбиент. Нè радува што голем број влезници за главниот настан се веќе резервирани. На наше огромно задоволство, имаме голема поддршка од музичарите и општо од уметниците. Спонзорите се желни да помогнат и го поддржуваат хуманитарниот концепт – велат од „Блуз фамилија“.
Културно наследство за идните генерации
Но дотогаш „Блуз фамилија“ не мирува. Не се посветени само на фестивалот, туку постојано работат на нивниот блуз-концепт. Освен промоција на блуз-културата, промовираат и македонски блуз-артисти преку четири акустични сесии годишно. Од тие настани се прават професионални видео и аудиоснимки кои ги објавуваат преку цела година. Особено е важно што сето тоа се документира за материјалот да остане за идните генерации.
Вања и Златко
Еден од тие настани е настапот на Венко Серафимов и Љубиша Јовановски како акустично блуз-дуо во скопскиот клуб „Амбрела“ на 9 ноември. Овој настап, според Венко Серафимовски е и своевидна увертира за нивното учество на блуз-фестивалот што го организира „Блуз фамилија“.
– Овој блуз-фестивал е еден убав ентузијастички проект на кој, по идеја на Гого, ќе настапиме заедно со Љубиша Јовановски како дуо. Јас и Љубо сме некоја постгенерација во однос на оној Brit blues boom од шеесеттите години, кој можеби и најдалеку ја промовира оваа американска музика и, секако, изврши огромно влијание врз музиката сегде, особено во тој период. Нашиот репертоар, главно, ќе биде некоја наша анплагд-варијанта на песни од доцните 60-ти и раните 70-ти, период во кој таа музика остварила најголемо влијание, некаде повеќе, некаде помалку сокриено, но сепак присутно – вели Венко.
Д-р Паскалов: Мојата сопруга е поголем блузер од мене, а на „Блуз фамилија“ не ѝ пречи што сум нејзин најлош музичар
До фестивалот и до следните блуз-настани на „Блуз-фамилија“ продолжува секојдневната работа на нејзините членови. Некој се занимава со економија, некој со уметност, некој со медицина… А сите тие, како што вели д-р Паскалов, одлично ги споиле своите приватни животи, професиите и љубовта кон блузот.
Тереза и Ѓорѓи
– Имам среќа што мојата сопруга Тереза е поголем блузер од мене, така што кога педијатријата ќе ме апсорбира, спојката најчесто е таа. Во другите случаи се моите другари, ме поддржуваат и не им пречи што сум најлошиот музичар во друштвото. Педијатријата и блузот се двете работи што ме движат и на крајот од денот јас сум среќен човек – вели д-р Паскалов.
912