Статија објавена од неколку американски психијатри предизвика огромна дебата за тоа дали менталната болест треба да се смета како психолошки или биолошки проблем. Одговорот е – и двете. Новото канадско истражување покажува дека блиските пријателства го намалуваат ризикот за развивање депресија.
Мара Брендген и нејзините колеги проучувале 294 близнаци на возраст од 10 години (174 девојчиња). Некои биле идентични (делеле исти гени), а другите имале половина од нивните гени. Секој пар близнаци бил пораснат заедно во исто семејство.
И гените придонесуваат за депресија
Истражувачите го правеле рејтингот на знаци на депресија кај децата преку нивните наставници и соученици. Исто така, тие ги оценувале и нивните блиски пријателства, така што го прашувале секое дете да „номинира“ три најдобри пријатели во неговиот клас и да каже кој од нив му е најблизок. Реципрочните номинации биле знак на заедничко пријателство. Исто така, децата одговарале на прашањa за квалитетот на нивните пријателства, вклучувајќи го и тоа дали тие заедно прават забавни работи или се караат, расправаат и лутат кога се заедно.
Во ова истражување имаше докази за улогата на гените во депресијата. Кај идентичните близнаци корелацијата кај знаците на депресија беше повисока, а пониска кај близнаците што не делат исти гени.
Главниот резултат: Генската склоност кон депресија кај девојчињата е намалена доколку тие имаат барем една блиска другарка. Ова значи дека кај девојчињата има интеракција помеѓу генскиот ризик и заштитниот ефект на пријателството. Но, не е исто кај момчињата. Да, пријателствата ги заштитуваат момчињата од депресија, но тие не се поврзани со нивната генска ранливост. Научниците претпоставуваат дека постои полова разлика бидејќи девојчињата повеќе се потпираат на социјалните врски како извор на самодефинирање и самовреднување, а исто така нивните пријателства се карактеризираат со поголема интимност, емпатија и емоционална поддршка.
Момчињата се поотпорни на депресија
Друга полова разлика е тоа што момчињата покажуваат поголема отпорност на депресијата со тоа што имаат поголем број пријатели. Истражувачите велат дека ова е така бидејќи девојчињата имаат едно пријателство кое е поинтимно, додека момчињата почесто се дел од група на пријатели.
Заклучокот од ова истражување е дека поквалитетното пријателство нуди поголема заштита од депресијата (без разлика на генската ранливост). Иако истражувањето има некои недостатоци (на пример, мала група испитаници), ова е иновативно истражување со навистина важна тема. Децата што покажуваат знаци на депресија може да се соочат со ризик за зголемување на проблемите во нивните тинејџерски години – така што, колку повеќе разбираме и учиме за овој ризик, толку подобро. Истражувачите велат дека резултатите ја потенцираат важноста на учењето на социјалните способности со кои се подобруваат позитивните односи со другите. Со сето ова се спречува развојот на депресивно однесување кај децата.