Како мајка на Ана (24) и Мики (14), со неа разговаравме какво детство имала ќерка ѝ, во време кога немаше паметни телефони, а интернетот беше ретко достапен, а како расте син ѝ, кога дигиталната технологија е составен дел на нашето секојдневие

Кога отворено и искрено разговарате со своето дете, без ограничувања и забрани, многу полесно ќе стекнете меѓусебна доверба, вели нашата позната телевизиска водителка Билјана Дебарлиева. Како мајка на Ана (24) и Мики (14), со неа разговараме какво детство имала ќерка ѝ, во време кога немаше паметни телефони, а интернетот беше ретко достапен, а како расте син ѝ, кога дигиталната технологија е составен дел на нашето секојдневие.

Билјана Дебарлева

– Ана растеше во едно друго време, кога технологијата и не беше толку во подем. Кога таа беше мала, немаше паметни телефони, ни игри на интернет како денес. Среќна сум што со неа најголемиот дел од слободното време го поминувавме во заеднички прошетки, читање приказни, гледање поучни детски емисии и цртани филмови во кои немаше насилство. Мики, пак, има доволно обврски во текот на денот, и на училиште и со пливањето. Тој сам си одредува колку слободно време ќе му остане за игри на компјутер. Но, има ситуации кога со сопругот ќе забележиме дека претерал, па му укажуваме дека е доста за тој ден – раскажува Билјана.

Родителите денес прават несвесни грешки

Таа се согласува дека дигиталната технологија е неизоставен дел од нашето секојдневие, а тоа, според неа, има и позитивни и негативни страни. Од една страна, многу ни ја олеснува комуникацијата и достапноста до информациите, но од друга страна, како да нè прави заложници и ни го окупира секој миг од слободното време, и на возрасните и на децата.
– Тие се во возраст кога веќе не сум во ситуација да им дозволам или да им забранам нешто, едноставно сами го прават својот избор; но со претходна добра основа што сме им ја дале и јас и мојот сопруг. Телефонот и компјутерот се за забава, но и за извршување училишни работи и други обврски. Без нив не се може во денешно време – вели Дебарлиева.

Ана и Мики пред 12 години

Таа и сопругот не користеле телефони и таблети за да ги занимаваат децата. Нивниот интерес сосема спонтано се развил, прво користејќи компјутер, а потоа и мобилен телефон.
– Ние не им го исполнуваме времето на тој начин за да бидат мирни или да не се досадуваат. За жал, денес често родителите несвесно и не сакајќи го прават тоа. Цел ден биле на работа, изморени се, нервозни, па најлесен начин е да им го дадат мобилниот или таблетот на децата и сите да бидат „среќни и задоволни“. Но, тогаш избегнуваат нешто скапоцено – разговорот, она што е најважно во комуникацијата меѓу родителите и децата, без разлика дали се помали или поголеми – вели Билјана.

Довербата е скапоцена

Како родители, секогаш им укажувале на децата што е добро, а што не треба да гледаат на интернет и на телевизија. Да бидат внимателни со кого комуницираат на социјалните мрежи, какви опасности ги демнат и дека мошне лесно можат да паднат во некаква стапица.
– Кога отворено и искрено разговарате со детето, без да го ограничувате и да му забранувате, тогаш многу полесно ќе ја стекнете и вие неговата, а и тоа вашата доверба. Во секој случај, контролата над децата, во секој поглед, барем до одредена возраст е неизбежна – вели познатата водителка.

На работното место во студио

Преку интернет денес на децата им се достапни многу информации и содржини. Дел од нив се потребни и корисни, но има многу што не се за нивна возраст.
– Не знаете кога, каде и зошто детето би дошло во контакт со такви содржини, колку и да мислите дека вие како родител ја имате целосната контрола. Децата се многу љубопитни, но ако го најдете вистинскиот начин да научат што е добро, а што е лошо, веројатно и тие самите поретко би се довеле во некоја таква ситуација. Длабоко верувам дека само искрениот разговор меѓу детето и родителот е најдобрата основа да чекорат по вистинскиот пат – вели Дебарлиева.



912

X