Сончогледи за невидливите, препознајте ги кога ќе го забележите нивниот симбол и отстапете им место

Ако сретнете лице што околу вратот носи симбол во форма на лента со сончогледи, бидете трпеливи и дајте му предност во редот пред вас, било тоа да е во продавница, чекалница, автобуска станица, на аеродром или на друга јавна површина. Со тоа ќе ја примените неговата порака дека му треба дополнителна поддршка поради невидлива попреченост или аутизам.

Оваа иницијатива засега е новина во Македонија и дејствува само на социјалната мрежа „Фејсбук“, преку групата „Сончогледи за невидлива попреченост“.

Јасна Милкиќ е основач на групата и иницијатор ваквата идеја да ја запознаат што повеќе луѓе, да се едуцираат и на тој начин да ги препознаваат лицата по симболот на сончоглед што ќе го носат на себе и ќе им дадат предност, без да мора некому да кажат зошто и да се ставаат и себеси и некој друг во непријатни ситуации.

Јасна Милкиќ

– На овој начин, со нивно дискретно обележување сакаме да ја дигнеме свеста кај сите за луѓето со невидлива попреченост, да им дадеме поддршка и помош и барем малку да им го олесниме животот. Така тие ќе добијат и повеќе позитивна енергија и ќе им се зголеми самодовербата – вели Јасна.

Според неа, чекањето во една институција може да биде тешко и невозможно за едно дете со аутизам, па затоа ако некој носи видлива лента со сончогледи, тоа значи дека таа личност или лицето што го придружува има скриена попреченост, било да е од физичка било од психичка природа.

– Преку групата на „Фејсбук“ сакаме да апелираме до невладините организации, до здруженијата, фирмите, компаниите да помогнат оваа иницијатива да се примени и кај нас, со нивно донирање ленти со сончоглед или, пак, би помогнале во нивната изработка. Потоа, лентите со сончогледи би им ги дале на лицата со невидлива попреченост и би ги користеле во секојдневниот живот – истакнува Јасна.

Брош со сончогледи

Вели дека симболите со сончоглед можат да бидат во различна форма, од ленти што би се носеле околу вратот, до брошови, налепници на автомобили и сл.

За таа цел, таа стапила во контакт со отец Оливер и со Маргарет Курт, кои се вклучени во хуманитарната организација „Свети Спас“ и на разни начини им помагаат на сиромашните и маргинализираните лица.

– Се надеваме дека оваа наша иницијатива ќе биде одобрена и од државата и ќе се практикува законски и преку нашите институции -истакнува Јасна.

Инаку, идејата за лентите со сончогледи потекнува од 2016 година, кога надлежните од лондонскиот аеродром се запрашеле како би ги препознале лицата со невидлива попреченост.
Тогаш приватна компанија го креирала брендот „Сончоглед“, кој помогнал дискретно да бидат забележани лицата на кои им е потребна помош и повнимателен однос.
Го зеле симболот на цвет од сончоглед зашто симболизира радост, позитивност, сила, самодоверба.



912

X