Воспитување

Можеби се прашувате – а каков сум ако не сум свесен родител?

Можеби се прашувате – а каков сум ако не сум свесен родител? Можеби е наједноставно да се каже дека сите сме, повеќе-помалку, спонтани родители…

Најважната улога на родителот е да му помогне на детето да формира поддржувачки уверувања за себе, другите и за светот околу себе. Од тие уверувања што ги формира детето во голема мера зависат неговата самодоверба, здравјето, успехот и среќата. Ние треба да научиме како нашето однесување и нашата комуникација влијаат врз формирањето на овие уверувања. Кога тоа ќе го знаеме, тогаш сме тргнале на патот дејствувајќи како свесен родител. Тогаш сме создале услови нашите деца да добијат и корења и крилја.

Дозвола за свесен родител

Ако сакаме да управуваме со возило, мора да научиме како се прави тоа и, нормално, мора да положиме испит за таа толку одговорна задача. Истовремено, кога се работи за родителството, кое е уште поодговорна задача, не постои никаква претходна едукација и влегуваме во улогата на родители не знаејќи како најдобро да ја извршуваме таа задача. Ја преземаме задачата за водење и насочување на новиот член на семејството без познавање на основните принципи на свесно родителство и се надеваме на најдобро. Ова е прилично стихиен принцип на родителството со кој не знаеме каде точно ќе стигнеме. Обично, додека сме деца, сите ние мислиме дека ќе бидеме подобри родители од нашите. Кога ќе пораснеме сакаме нашето дете да биде подобро, поуспешно и посреќно од нас, но никогаш не научивме како да го постигнеме тоа. Најчесто резултатот е непредвидлив зашто не сме имале едукација која би нѐ водела низ тој процес. Посебен проблем е и тоа што знаењата од овој вид се сегментирани и тешко е да се најдат на едно место. Сигурно е дека секој родител му го посакува најдоброто на своето дете, сака да порасне во личност полна со самодоверба, да биде здраво, успешно, среќно и задоволно Колку од нас навистина успеваат во тоа?

Копија на родителите

Ако не сме свесни родители, неминовно го следиме моделот по кој сме одгледани, зашто тоа е единственото нешто што ни е познато. Има и такви што ќе прочитаат некоја книга на тема родителство, но тоа е далеку од она што е доволно. Повеќето почнуваат да се едуцираат дури тогаш кога децата ќе влезат во пубертет и ќе почнат проблемите.

Детето се формира многу години пред тоа. Сѐ уште многумина не се свесни за влијанието на емоционалната состојба на родителите врз децата, не само додека се мали, туку и во периодот на бременоста.

Колку пати сме слушнале некој да каже дека никогаш нема да биде како своите родители, а станува токму таков. Има и мал број од оние што одат во екстремна спротивност од моделот по кој се одгледани, но и тоа е резултат на отпорот и спаѓа во доменот на стихијното или спонтано родителство. Колку е точна информацијата дека го следиме моделот на нашите родители во многу работи, покажува и фактот дека децата што се посвоени заболуваат од истите хронични болести како и нивните старатели. Кога се работи за нашите деца, тогаш тоа се прогласува за наследен фактор. Кога знаеме дека денес дури и конзервативното американско медицинско здружение вели дека 85% од здравствените проблеми настануваат на емотивно ниво, јасно ни е дека кај изразените хронични проблеми, кај посвоените деца, се работи за копирање на емотивните модели, како и на начинот на размислување. Како да се прекине овој циклус?

Да тргнеме првин од себеси

Колку чудно и да звучи, за да бидеме свесен родител, првин треба да тргнеме од себеси и да ги смениме своите емотивни обрасци и своите реакции, т.е. да ги неутрализираме прекинувачите на емотивните реакции. Кога реагираме и не сме во состојба да комуницираме во целосен емотивен мир, тоа покажува на постоењето на нашите прекинувачи. Нашите деца учат набљудувајќи и често усвојуваат слични реакции или формираат однесување во согласност со тоа што ќе го доживеат. Една од основните задачи на свесниот родител е да го запознае и да го освести детето во себе, а потоа да ги неутрализира своите стари прекинувачи кои го условуваат неговото однесување како возрасен. Исто така, за добросостојбата на нашето дете, многу е важно да ги репрограмираме нашите лимитирачки уверувања ако не сакаме тие да му станат лимитација. Неминовно е дека преку нашето однесување ќе се покажат нашите уверувања и детето, кое најмногу учи преку набљудување, беспрекорно ќе ги научи тие исти лимитирачки уверувања. Воедно ќе ги научи и чувствата што ги имаме во таквата ситуација.

Свесниот родител секогаш е спремен да го освести детето во себе, спремен е да согледа како стекнал некои од своите лимитирачки уверувања и како кај него се формирани одредени обрасци што го саботираат. Исто така, свесниот родител, кога ќе го освести детето во себе, презема чекори да научи како да ги промени енергетско-емоционалните записи од своето минато за иднината да му биде поинаква. Свесниот родител, ако не е задоволен со своите резултати од минатото и ако сегашноста може да биде подобра, презема одговорност за тоа што се случило и тргнува во процес на ослободување на сопствените блокади.

Без оглед на тоа што се случило во минатото, ние можеме да ја смениме перцепцијата на своето минато и така да ги смениме своите мисли и да создадеме поинаква иднина. Со тоа и нашата реалност станува поинаква и поубава. Сето тоа станува реалност и на нашето дете, кое во текот на претшколскиот период главно функционира на мозочните фреквенции соодветни на хипнотичка состојба, а тоа значи дека сѐ директно влегува во системот на потсвеста, кој станува софтвер на детето по кој го живее својот живот. Но нема место за очај ако увидиме наши програми кои не ни се корисни или програми на детето. Сето тоа може да се коригира со денешната нова технологија за работа на потсвеста на енергетска основа.

 

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top