Воспитување

Библиотерапија – клучот за имагинацијата и менталниот развој на детето

Библиотерапијата е добро воспоставен психолошки и педагошки метод кој ја користи моќта на бајките за да ги стимулира когнитивниот и емоционалниот развој кај децата. Таа го комбинира терапевтскиот потенцијал на уметничкиот текст со педагошките принципи на учење преку искуство.

Терапијата со бајки нуди практична алатка преку која тие можат да го поддржат целокупниот развој на детето – не само во училницата, туку и дома. Со заедничко создавање бајковити светови, возрасните стануваат соучесници во градењето стабилно и самоуверено дете.

Еве неколку примери од мојата практика како библиотерапевт за тоа како да се обработат и применат бајките во работа со деца:

 „Трите мали прасиња“

Тема: работа, упорност, одговорност

Возраст: 4–6 години

Како да се користи: Играње улоги и драматизација – развива јазик и емоционално изразување; Дискусија: Кое прасе постапи најмудро? – развива логичко размислување и морална процена; Изработка на куќи од различни материјали (хартија, дрвени стапчиња, пластелин) – стимулира имагинација и фини моторни вештини.

2. „Црвенкапа“

Тема: доверба, претпазливост, добро наспроти зло

Возраст: 5–7 години

Како да се користи: Дискутирање за безбедност и комуникација со странци – развива социјална компетентност; цртање сцени – тренира меморија и доследност; игра „Што би направил/а?“ – поттикнува независно размислување и имагинација.

3. „Пинокио“ – Карло Колоди

Тема: искреност, искушенија, растење

Возраст: 6–10 години

Како да се користи:  Градење сопствен „херој“ со квалитети што детето ги почитува – работа со вредности; дискутирање за лажењето и неговите последици – морално образование; создавање продолжение на приказната – поттикнува креативно пишување.

4. „Глувчето што сакаше да чита“ – Христина Стефановска

Тема: социјална исклученост, депресија, предизвици и внатрешна сила

Возраст: 6–10 години

Како да се користи: Дискусија за чувствата на главниот лик – поттикнува емоционална интелигенција и емпатија; драматизација на ликови со цел изнаоѓање внатрешна светулка или внатрешен поддржувачки глас или, пак, растоварување од непријатна емоционална содржина; Цртање или моделирање со пластелин или глина; изработка на афирмативен постер со главната порака.

5. „Девојчето со кибритчиња“ – Х. К. Андерсен

Тема: сочувство, социјална не/правда, соништа

Возраст: 7–10 години (користејќи чувствителен пристап)

Како да се користи:  Дискусија за емоциите на хероината – развива емоционална интелигенција и емпатија;  користење „магични кибритчиња“ – децата создаваат свои среќни слики (цртеж или приказна); споредба помеѓу реалноста и фантазијата – работа со внатрешниот свет на детето.

Автор: м-р Христина Стефановска, психолог, автор и библиотерапевт

Поврзани написи

To top