Колку едно општество вложува во образованието на децата, толку тие деца кога ќе пораснат, соодветно ќе му вратат на општеството. Македонското образование никако да прележи некои „детски болести“ и да им понуди на нашите деца знаење со кое ќе можат да го освојуваат светот. Тимот на „Светот на Биби“ сака да влијае за ова да се смени. Затоа наскоро започнуваме со наши мали, но важни чекори во револуцијата на образованието на децата.
Веќе добро знаете дека сезнајката Биби е неуморлива и љубопитна. Во новата сезона Биби не само што ќе ви ги раскажува своите нови сказни на нејзиниот јутјуб-канал туку ќе има и свое реално катче, што го нарековме „Бибиверзум“. Едукативниот центар ќе нуди неконвенционален и забавен начин за учење и стекнување знаења и вештини.
Со помош на иновативна програма и наставници кои сакаат да применуваат нови методи во работата, ќе учиме за светот и за себе. Со иновативната образовна програма ќе бидат опфатени деца од 5 до 7 години, а ќе се работи во мали групи од 6 до 8 деца.
Целта ни е да им овозможиме на децата да ги видат врските помеѓу одредени предмети во училиштето и феноменот на животот надвор од училиштето. Тоа треба да им помогне на децата да ги поврзат знаењата и вештините од различни дисциплини, да го структурираат нивното учење, да излезат со нови прашања, како и да создадат нови знаења преку заедничко работење.
Клучната цел на оваа програма е да се промовираат вредностите и да се препознаат вистинските потреби и културата во општеството, како и храброста да се поддржи и да се инвестира сериозно во образованието, особено во професијата наставник, која е заедничка точка на најдобрите системи.
912