„Јас-пораките“ им даваат можност на децата подобро да нѐ запознаат нас, родителите. Често се криеме од децата зад оклопот на „авторитетот“ кој се трудиме да го одржиме по секоја цена. Ја носиме маската на „воспитувач“ и се плашиме да ја отстраниме дури и за момент. Понекогаш децата се шокирани кога ќе дознаат дека мама и тато можат нешто да чувствуваат. Тоа остава впечаток кој не може да се избрише.
Неодамна слушнав телефонски разговор меѓу мајка и нејзиниот десетгодишен син. Мајката (по професија педагог) му раскажуваше како успешно поминал нејзиниот тежок час. „Знаеш – рече таа – колку се загрижив утрово. Но, сè се заврши добро и јас сум многу среќна. Дали и ти си среќен? Ти благодарам!“ Беше навистина пријатно да се набљудува таква емотивна блискост меѓу мајката и синот. Кога сме отворени и искрени во искажувањето на нашите чувства, децата стануваат поискрени во изразувањето на своите. Децата почнуваат да чувствуваат: возрасните им се доверуваат, па и тие исто така можат да се доверуваат.
Ќе пренесам писмо од една мајка која прашува дали постапила правилно.
-Мојот сопруг и јас се разделивме кога син ми имаше шест години. Сега има единаесет и почнал свесно, но повеќе за себе, да тагува по татко му. Еднаш тој избувна: „Би одел во кино со татко ми, но не сакам да одам со тебе“. Еднаш, кога син ми директно ми кажа дека е тажен и незадоволен, јас му одговорив: „Да, синко, ти си тажен. И веројатно си тажен што го немаме тато. И јас сум депресивна. Ако имаше татко, а јас сопруг, нашите животи ќе беа поинтересни“.
Се чинеше дека нешто избувна од него: тој се потпре на моето рамо и почна тивко, горко да плаче, а и јас потајно почнав да плачам. И на двајцата ни олесна. Потоа малку размислував за тој ден и некаде во длабочините на душата знам дека постапив правилно. Зарем не?“

Мајката интуитивно ги нашла вистинските зборови, му кажала на момчето за неговата мака (активно слушање), а исто така раскажала и за нејзината („јас-пораки“). А тоа што и двајцата почувствувале олеснување, што мајката и синот се зближиле, е најдобар доказ за ефикасноста на овие методи. Ова важи и за „јас-пораките“.
-Откако почнав да користам „јас-пораки“ – пишува татко на шестгодишно девојче, ќерката речиси целосно ги отфрли барањата како „Дај ми!“, „Играј со мене!“ Почесто вели: „Би сакала“, „Едвај чекам“. На овој начин на родителите им е многу полесно да ги запознаат чувствата и потребите на детето.
Извадок од книгата „Како да се разберете со дете“ – Јулија Борисовна Гипенрајтер