Сакам да го свртам вниманието на ЕДЕН и САМО еден вид воспитен стил кој го забележувам кај некои родители на кои ќотекот им служи како илузија дека поставиле граници, а во реалноста ги нема. Тие родители, всушност, се попустливи за повеќето работи за кои и самите не би сакале да попуштаат, но каде што не можат да издржат и да останат доследни на сопствената одлука, самите тие не ја почитуваат, а не пак детето. И тоа е човечки и за родителот е потребна поддршка од заедницата, а не осудување. Таквиот стил на родителство во популарната психологија го нарекуваат „беспомошен родител“ (родител кој попушта пред барањата или испадите на бес на своите деца бидејќи не знае што повеќе да направи, па им дава што сака).
Удирањето во тој случај, тогаш кога родителот ќе оцени дека доста попуштал (а таа граница често зависи и од неговото моментално расположение), му дава кратка илузија на родителот дека има граници во воспитувањето. Парадоксално, баш од таквите родители често ја слушам реченицата: „Па, не може баш сè, мора да се знае редот“. Бидејќи ваквите реченици може да ја отсликуваат и нетолеранцијата на дисциплинирање на себеси и другиот. Родителот може да чувствува дека нема сила, време, ресурси да го воспитува детето и тоа може да се проектира на него сакајќи тоа „самото“ да се воспита и однесува. А бидејќи детето не е способно за тоа, може да биде присутна константна лутина кон него – „зошто не се однесуваш воспитано, зошто си таков, па сега јас морам нешто да работам, до кога јас ќе мора сè да правам…“
Удирањето не значи дека имате граници во воспитувањето и дека го дисциплинирате детето, дека сте одлучни, полни со самодоверба и дека знаете што правите.
Ќотекот не е исто со граници во воспитувањето.
Го вртам вниманието на токсичноста на таквата недоследност и чувството на беспомошност на родителот. Таквата мешавина од пораки најмногу ги збунува децата и доведува до многу внатрешни конфликти, чувства на преголема вина за речиси сè што се случува околу нив, намалена основна сигурност, живот во постојан тивок страв, анксиозност, бес, омраза, зајадливост, развој на комплекси кон сите „посилни“.
Освен ќотекот, сè почесто истиот ефект врз менталното здравје кај децата се јавува подоцна, како и викањето или предолгото комплицирано упорно објаснување, а во однесувањето родителот не ги почитува своите граници и не се држи до своите зборови. Па така, родителот „попува“ или го удира детето, навредува, објаснува, а и самиот попушта секој ден во навиките што сака да ги изгради во своето семејство, на пример – во користењето технологија, во исхраната, во излегувањето, во доцнењето, во оценките на училиште итн. Родителот му попушта на детето во она каде што сака да има високи очекувања од себе.

Затоа е важно како се однесувате и колку сте самите доследни, тогаш техники нема да ви бидат потребни. А ако не сте сами во саканата и доволна мера истрајни, секоја техника нанесува штета врз менталното здравје на детето, во помала или поголема мера – тоа зависи од уште многу други фактори. Ако сте се препознале во улогата на детето, односно дека вашите родители имале ваков стил на воспитување кон вас (ве тепале, или објаснувале до бесконечност, а потоа ви попуштале), можно е со работа на себе да си го олесните товарот од вината, збунетоста и целиот коктел на чувства кој го носите, а не знаете ни кога ни зошто се чувствувате така. Можно е, со упорност (онаа упорност која не сте ја гледале од родителите, па ни самите не знаете да бидете упорни, но тоа не мора да биде нешто непознато за вас во животот), со работа на себе, преку психотерапија, да си ги отстраните кочниците во животот и да дојдете до појасно размислување, здрава посветеност на себеси, насочувања кон своите желби и до зголемување на фокусот.
Ако сте се препознале во ваквиот родител, одлично! Не е доцна да го поправите односот со детето или возрасното лице, бидејќи препознавањето е првиот чекор кон тоа, кон поврзаност, кон љубов и однос кој ги јакне двете страни.
Автор: Сунчица Јовановиќ, психолог