Од март годинава државата им овозможи на самохраните родители да не плаќаат за престојот и исхраната на нивните деца во јавните градинки. Досега, заклучно со август, ова право го искористиле само 74 самохрани родители во државата.
Директори на градинки со кои поразговаравме ни рекоа дека и пред новината имало самохрани родители на кои им било овозможено да плаќаат намалена сума, односно половина од вкупната сума од партиципацијата од 1.490 денари.
За да може еден самохран родител да ја искористи оваа можност, потребно е да поднесе потврда од Агенција за вработување дека е невработен, решение од социјално, уверение од Управата за јавни приходи, како и изводи од Матичната книга на родени за родителот и за детето.
Ослободени од плаќање се оние самохрани родители со плата и други месечни приходи во износ до минималната плата. Ова право се однесува за дете од семејство на самохран родител (aко еден од родителите е починат или не е познат, или му е одземено родителското право, или ако од други причини едниот родител е спречен да го врши родителското право).
А.П.
912