Воспитување

Бесмислици што ги слушаат младите мајки

Родителството е незгодна тема. Секој има свое мислење, а најгласни се оние што немаат деца. Тие се најдобри родители. Но, јас не ги осудувам. И јас бев одличен родител додека не добив свое дете. Да се вратиме на различните мислења. Тоа не е проблем сам по себе, тамам работа сите исто да размислуваме. Но, проблемот со родителството е тоа што, поради некоја причина, секој има незапирлив порив да му го наметне својот став на целиот свет. Од тоа како ќе го нахраните детето, кој ќе го чува, каде ќе спие, до изборот на градинка и училиште. Со првото дете добив толку многу совети што мислев дека главата ќе ми експлодира. Да не бидам неблагодарна, имаше и корисни информации кои многу ми помогнаа, но оние што ме насмеаја беа во прв план. Би сакала да издвојам 10 работи што не би сакала никој да ги дава како совети на ниту една мајка:

„Не можете да забремените додека доите“. Хм, па каква е оваа топка под мојата кошула?

„Што, бебето се буди ноќе? Па, стави малку плазма во млекото за подобро да спие“. Фала на советот, но моето тримесечно бебе доби се што му требаше преку моето млеко. И кога ќе одлучам да го запознам со цврста храна, тоа сигурно нема да биде колаче.

„Ќе биде лесно со другото дете“. Сѐ уште не би го коментирала ова, но сигурна сум дека нема да ми биде полесно со бебето додека другото трча околу мене и бара внимание!

„Детето мора да оди во градинка штом наполни една година, му треба друштво“. Не е точно. Социјализацијата, важна за развојот, започнува на тригодишна возраст. Пред тоа, иако можеби ви изгледа поинаку, на децата им се сосема доволно родителите или некој друг кој се грижи за нив со многу љубов и внимание. Што не значи дека градинката на кој било начин ќе ги „оштети“.

„Градинка? По никоја цена не би го оставила моето дете таму“. Да, тоа е навистина ужасно место. Дури сум ги слушнала како учат песни, цртаат, јадат и вежбаат сами, си ја средуваат косата и ги тераат да си играат со боички и колаж хартија! Хорор!

„Не навикнувајте го в раце и не земајте го кога плаче, ќе го разгалите“. Мојот омилен совет! Страшно е ако му покажете на детето љубов и разбирање кога тоа му е најпотребно.

„Кога бебето спие, спиј и ти.“ Да, нели. Потоа ќе готвам кога ќе готви бебето, ќе пеглам кога ќе пегла и тоа и ќе јадам кога ќе јаде бебето. Како не помислив на тоа порано!

„На моите деца им давав гравче кога имаа 6 месеци и ништо не им фали“. Заедно со ова обично ќе слушнете „Цела бременост и доење пушев, па ништо не му фали на детето“ и „така си порасна без тие седишта за во автомобил што се измислени денес само за да земаат пари“ – од мајки и свекрва – се разбира. Сè што треба да направите е да се насмеете и да си кажете дека тие едноставно не знаеле подобро.

„Ако доите повеќе од една година, вашиот син ќе биде разгален“. О не! Сите што имате синови, веднаш престанете да доите, сигурно не сакате вашиот син да ве сака многу кога ќе порасне!?

„Моите деца почнаа да седнуваат на нокшир (внесете некоја небулозна возраст овде, да речеме 6 месеци). Сè што направивме е (напишете овде некој генијален педагошки пристап)“. Ова обично го слушам од грижливи мајки кога ќе ја видат мојата двегодишна ќерка во пелени.

Ние одлучивме да не го дресираме детето, туку да го учиме. Тоа се различни работи. И сме апсолутно сигурни дека нема да оди на факултет со пелени. Во ред, речиси целосно сигурни.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top