Во градинките во главниот град на Србија се монтираат видеонадзор и аларм за безбедноста на малите деца, вработените и имотот да биде на повисоко ниво. Објектите ќе добијат таканаречени паник-тастери.

Секретаријатот за образование и детска заштита во соседна Србија за оваа намена издвојува околу 300 милиони динари. Како што Славко Гак, секретарот за образование и детска заштита, најавил на почетокот на годината за српски „Новости“, во рамките на овој проект сите градинки добиваат паник-тастери за поврзување со полицијата и итните служби.

Според неговите зборови, безбедноста на децата во белградските градинки е приоритет, како и заштитата на имотот на претшколските установи, која во текот на ноќите и за викендите често е мета на вандализам. Тој истакнал дека подобриот систем за заштита ќе го реши проблемот.
На мета на крадците често е техничката опрема – компјутерите, печатачите, лаптопите, телевизорите.

– Само оваа година во Белград се обиени десетина градинки и секојпат на мета е техничката опрема во нашите објекти – изјавил Гак.

– Примерите за обивање на градинките, уништување на имотот и кражба покажуваат неопходност за воведување поголема заштита на имотот, што ќе се обезбеди преку алармните системи кои наскоро ќе бидат воведени во сите објекти на претшколските установи. За поголема безбедност на градинките, Секретаријатот ќе вложи повеќе од 300 милиони динари. Опремата веќе се монтира, а кога сите градинки ќе добијат видеонадзор и аларм-систем, се надевам дека ќе им застанеме на патот на ваквите случки – нагласи Гак.

Во рамките на проектите за зголемување на безбедноста претшколските установи ќе добијат паник-тастери за повикување на полицијата и итните служби во ситуации кога тоа е потребно, со алармни системи за ноќните и викенд-влегувањата во дворот и во објектите на градинките.

Гак истакнува дека со зголемувањето на безбедноста во градинките ќе бидат посигурни и родителите, а и ќе им се олесни работата на вработените. Штетата настаната со обивање и кражби на опрема во градинките е покриена од осигурувањето, бидејќи сите градежни објекти и опремата во центарот за детски летувалишта и центри за заздравување, претшколски установи, основни и средни училишта се осигурани. Оваа година за таа намена се издвоени 13,3 милиони динари.

Извор: „Б92“



912

X