Периодот на карантин за време на пандемијата доведе до две фасцинантни промени во телата на бебињата, покажало истражувањето.

Научниците од Универзитетот „Корк“ во Ирска откриле дека децата родени за време на пандемијата имаат променет цревен микробиом – екосистем од „добри“ и „лоши“ бактерии во цревата кои го помагаат варењето, ги уништуваат штетните бактерии и помагаат во контролата на имунолошкиот систем. Утврдено е дека биомот е покорисен кај доенчињата родени за време на пандемијата.

Истражувачите веруваат дека ова довело до тоа тие бебиња да имаат помалку алергиски состојби од очекуваното, како што се алергии на храна, во споредба со бебињата родени пред пандемијата. Исто така, им требале помалку антибиотици за лекување на болестите.

Истражувачите анализирале примероци од столицата од 350 ирски бебиња родени во првите три месеци од пандемијата, помеѓу март и мај 2020 година – и ги споредиле со примероци од бебиња родени пред пандемијата. Примероците од столицата се собрани од бебиња на возраст од 6, 12 и 24 месеци, а тестирање за алергија е направено на возраст од 12 и 24 месеци.

Се открило дека бебињата родени за време на пандемијата имаат повеќе корисни микроби добиени од мајката по раѓањето, кои би можеле да дејствуваат како одбрана од алергиски болести. Бебињата родени за време на пандемијата имале помали стапки на алергии: Околу пет проценти од бебињата развиле алергија на храна до една година, во споредба со 22,8 проценти од бебињата родени пред ковид-кризата.

Овие бебиња се подолго доени

Истражувачите рекле дека мајките им пренесувале корисни микроби на своите бебиња додека биле бремени, а тие добивале дополнителни микроби од околината по раѓањето.

Студијата покажала дека бебињата родени за време на карантинот имале помалку инфекции бидејќи не биле изложени на бактерии. Ова значи дека им требале помалку антибиотици. Исто така, бебињата родени за време на карантинот биле доени подолго време, што довело до дополнителни придобивки.

Само на 17 проценти од доенчињата им бил потребен антибиотик до првата година од животот. Пред пандемијата, 80 отсто од бебињата земале антибиотици на возраст од 12 месеци.

Истражувачите се надеваат дека повторно ќе ги испитаат децата кога ќе наполнат пет години, за да видат дали има долгорочни ефекти од раните промени во цревниот микробиом. Студијата е објавена во списанието „Алергија“.

Извор



912

X