Мајките кои сакаат нивните деца да јадат зелен зеленчук треба да ги внесуваат овие намирници во исхраната во доцните месеци од бременоста, утврдија научниците. Истражувањето е продолжение на претходно истражување кое открило дека новороденчињата позитивно реагираат на мирисот на храна на која биле изложени додека биле во утробата.

Истражувањето, спроведено од научници од Универзитетот „Дурам“, ги анализирало изразите на лицата на бебиња стари три недели, чии мајки редовно консумирале капсули со прашок од морков или кељ. Било забележано дека бебињата изложени на мирисот на морков реагирале позитивно, исто како и оние чии мајки консумирале кељ во бременоста.

Професорката Надја Рајсланд, експерт за фетални и неонатални истражувања, која во 2015 година стана позната по истражувањето за ефектите на пушењето врз неродените бебиња, била главен автор на ова истражување.

– Нашата анализа на изразите на лицата на бебињата сугерира дека тие подобро реагираат на мирисите на храната што нивните мајки ја консумирале во последните месеци од бременоста. Потенцијално, ова значи дека можеме да ги научиме бебињата да прифаќаат зелен зеленчук доколку се изложени на неговиот вкус уште во утробата – вели Рајсланд.

Таа истакнува дека родителите често им даваат на бебињата поблаго пире од морков, круши или банани ако одбиваат да цицаат. Но, доколку биле изложени на горчливи, но здрави зеленчуци како кељ, можеби ќе ги прифатат полесно подоцна.

– Ако мајката јаде горчливи, но здрави зеленчуци, тоа може да помогне детето подоцна да ги прифати и да ги засака. Неродените бебиња имаат исклучително развиено сетило за мирис – додава таа.

Преференциите за храна се формираат уште во утробата

Истражувањето, во кое учествувале 32 бебиња од Североисточна Англија, е продолжение на истражувањето од 2022 година. Тогаш, со помош на 4Д ултразвук било забележано како фетусите се „насмевнуваат“ кога нивните мајки јадат морков, а прават гримаси кога се изложени на кељ.

Во најновото истражување, бебињата биле изложени само на мирисите на морков и кељ, без да им се дава храна, бидејќи биле премали за внесување цврста храна. Научниците ги анализирале нивните реакции и ги споредиле со реакциите забележани додека биле во утробата, за да утврдат како повтореното изложување на одредени вкусови влијае врз нив.

Истражувачкиот тим открил дека од феталната до неонаталната фаза се зголемува фреквенцијата на реакции проследени со насмевка, а се намалува бројот на реакции што укажуваат на непријатност кога бебињата се изложени на мириси што ги почувствувале пред раѓањето.

– Нашето истражување покажува дека фетусите не само што можат да препознаваат и разликуваат вкусови уште во утробата, туку и почнуваат да учат и да формираат меморија за одредени вкусови доколку се изложени на нив повеќе пати. Ова укажува дека процесот на развивање преференции за храна започнува многу порано отколку што досега се мислеше. Со рано воведување на овие вкусови, можеме од најрана возраст да поттикнеме поздрави навики во исхраната кај децата – објаснува д-р Бејза Устун-Елајан, коавторката на истражувањето.

Извор



912

X