Игротека

Бебето не ве тероризира, ве тероризира општеството што ви вели дека „мора да научи да заспива само“

Верувам дека во некој ходник на времето, мојот осуммесечен син сè уште плаче во креветчето и чека да го земам во прегратка. Во истиот тој ходник јас сум мајка на две бебиња која со месеци не спиела два часа непрекинато. Уморна, полузаспана, треба да одговорам на прашањето што секојдневно ми го поставуваат: „Како, уште не си го научила да заспива сам?!“

Накратко, тоа е баш шлаканица за секоја мајка: Сè што правиш е залудно, не си доволно добра.

Со ентузијазам на вистинска „бубалица“, се фрлив по книгите за да откријам како да го научам детето да заспие само. Баба ми би ми рекла: „Каква книга за чување дете?“, но јас си реков, ако можев да ги оставам цигарите по книга, ќе го научам и детето да заспива. Ми се превртува стомакот и денес кога ќе се сетам.

Методот беше едноставен: го спушташ детето в кревет, го галиш, му велиш „Мама си оди“ и излегуваш. Нормално, детето плаче. Но ти, како херој-мајка, не се враќаш веднаш. Влегуваш дури по 15 минути, кратко му велиш: „Сè ќе биде во ред, мама е тука“, и повторно си одиш. Повторуваш, колку и да треба. На крај, велат, детето ќе разбере дека не е напуштено (?!) и ќе научи да заспие само.

Првиот ден, моето бебе и јас плачевме речиси еден час. Вториот ден беше „успешно“ – „само“ 45 минути. Еден училиштен час плачење во дует. Но, ајде, си реков, браво за мене, успеав. Иако во мене сè вриеше. Сакав да го земам, да спие на моите гради, дури и да не направам ништо тој ден, нека биде таму, мој е. Но издржав. Книгата така велеше и сите околу мене така велеа: „Па, нема да го лулаш додека не почне на училиште!“

Третиот ден почна да кашла, се чинеше дека има температура. Ни не ја измерив, веќе знаев: отсега натаму, ти, синко, нема да заспиваш сам. И оттогаш, секогаш кога некој ќе ми каже дека децата мора да се научат да спијат сами, јас велам: „Да, само што го научивме, па се разболи“.

Сакав тогаш да знаев колку е нормално тоа што го чувствував. Колку е природно да си уморен, но да чувствуваш дека си му потребен на бебето. Сакам да го земам. Нека кажува кој што сака. Но не знаев. Мислев дека нешто не е во ред со мене. А вистината е дека чувството ми беше точно, погрешни беа постапките. Погрешно беше што не знаев да го послушам својот внатрешен глас.

„Научи го бебето да заспие“, велат експертите, како да е куче што сме го добиле за дресура. Ако плаче? Мора да плаче! Не смеете да се „потчинувате“, па вие сте родителот! Но, вистината е дека не нè тероризира бебето. Тоа е само мало суштество што зависи од нас. Терор врши општеството кое постојано ни укажува дека правиме погрешно ако бебето не спие само.

Првите денови (па и месеци) на родителство се хаотични. Одеднаш сме истргнати од животот што сме го познавале, живот со барем илузија на контрола. И што ни нуди индустријата за спиење? Решенија! „5, 7 или 12 чекори до мирна ноќ!“ Ако не успее едниот план, пробај друг. И така, како во игра, се обидуваме да си ја вратиме контролата.

А што добиваме од тоа? Нервоза!

Доброволно се откажуваме од сопствената интуиција. Наместо да ги следиме нашите чувства и вредности, им ги предаваме „уздите“ на ноќното родителство на брендови, блогери и форуми. Сè за да добиеме илузија дека повторно знаеме што правиме. И кога ништо не успева, се прашуваме зошто не можеме да му одговориме на своето дете?

Одговорот ни се наметнува сам: затоа што не сме доволно добри.

Нашата интуиција исчезнува, а ние се чувствуваме како ученици што паднале на тест. Затоа што постои план за спиење, а ние не можеме да го примениме!

Кога подоцна ги прочитав зборовите на Габор Мате, ми дојдоа како потврда на сè што некогаш сум чувствувала како мајка:

– Бебе што плаче по родителот не спроведува „тиранија“, туку изразува длабока потреба, емоционален и физички контакт. Кога бебето ќе заспие по период на плачење, тоа не е затоа што научило „вештина“ за заспивање, туку затоа што неговиот мозок, за да се заштити од болката на напуштањето, се исклучува. Тоа е автоматска невролошка реакција. Бебето едноставно се откажало. Да, родителот добил малку одмор, но по цена на долготрајна емоционална ранливост. Во неговиот мозок е врежано чувството: светот не е безбедно место – Габор Мате.

Да не заборавиме: учењето на родителството е процес. Тоа е градење однос, танц во кој не секогаш ќе го знаеме следниот чекор. И тоа е во ред. Во општество што е опседнато со спиењето, често забораваме да слушаме што ни кажуваат нашите деца, забораваме да се приспособиме и да го слушнеме сопствениот внатрешен глас.

Да, ќе биде застрашувачки ако се одлучиме за поинаков пристап од „прифатеното“. Можеби не функционира. Но родителите имаат право на свој простор во кој ќе експериментираат, ќе испробуваат, ќе откријат што одговара на нивното дете.

На крајот ќе сфатиме дека не постои едно решение за родителството. Не постои еден начин на кој секое дете заспива. И тоа е во ред. Не постои „вистинско“ решение. Постојат само „наши“ решенија.

И ние имаме право да уживаме во нивното откривање затоа што токму тој пат е патот до вистинска поврзаност со нашите бебиња.

Извор

Поврзани написи

To top